ВМРО-ДПМНЕ ја повикува меѓународната заедница да спречи уништување на демократијата во Македонија


ВМРО-ДПМНЕ како партија на народот се спротивставува на оваа неправда која се случува во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува меѓународните организации да реагираат на уништувањето на демократијата во Република Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.

„Секој граѓанин на Република Македонија што ќе каже „не“ и ќе се спротивстави на властa на СДС и Зоран Заев завршува во затвор. Македонија е единствената држава во Европа во која избраници од опозицијата се притвораат без причина. Македонија е единствената држава во Европа во која се притвораат уметници, оперски пејачи, режисери, актери и активисти со измислени обвиненија. Македонија е единствената држава во Европа во која се притвораат полициски професионалци и лажно се обвинуваат за тероризам“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека не постои ниту еден доказ за обвинението за тероризам кое сака да го конструира власта на Заев против Дурловски, Чавков, Јовановски, Дамовски, Илиевски и останатите.

„Постои само желба за политичка одмазда од страна на хунтата против сите што имаа храброст јавно да се спротивстават на антидржавните политики. Откако хунтата на СДС е на власт, Република Македонија не е демократска држава. СДС ја погреба демократијата. Република Македонија сега е единствена земја каде што се притвораат пратеници и невини граѓани во судски монтирани случаи. Секој граѓанин на Република Македонија кој ќе каже не и ќе се спротивстави на оваа власт завршува во затвор“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Притворите за пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, како што велат од опозициската партија, се целосно неосновани, исто како што е неосновано обвинението за тероризам кое им се става на товар, ним и на лицата поврзани со настаните од 27-ми април.

„Случајот кој се води против 36-темина недолжни граѓани е чист политички прогон, кој не се заснова на правото и законите, туку на заканите и потребите на хунтата. ВМРО-ДПМНЕ поради оваа неправда која се случува останува на улиците се додека хунтата ги гази законите и се изживува со граѓаните“, се вели на крајот од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ денес рекоа дека ќе продолжат со блокирање на следните крстосници во период од 15 до 17 часот: Крстосницата кај „Мавровка“; Крстосницата помеѓу улиците „Васил Чакаларов“ и „Ангел Динев“ во Карпош; Крстосницата кај „Рампа“ во населбата Кисела Вода.

ВМРО-ДПМНЕ денес исто така ќе организира протест и пред Основниот суд Скопје 1 во 18 часот.