ВМРО-ДПМНЕ ја игнорира ЗЕЛС


ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на конститутивната седница на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, поради, како што соопштија од партијата, недемократско однесување на власта и селективниот пристап при примената на правдата во Македонија.

„Македонија е заробена држава од страна на СДС, кој го девалвираше правото и правната држава. Институциите веќе не работат по закон, туку по диктат на власта. Правосудните органи се под притисок, а граѓаните живеат во страв од насилието кое го спроведува власта. Власта врши масовни притисоци, заплашувања, прераспоредувања и отпуштања од општините и локалните јавни претпријатија на вработени кои не се членови на СДС. Кривично се гонат голем број на градоначалници поради нивната политичка припадност, ова е невиден преседан во Македонија во последните 27 години“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Власта, според ВМРО-ДПМНЕ, во политички монтирани случаи ги затвора патриотите, чиј единствен грев, како што се наведува, е што си ја сакаат државата, а подготвува закон за амнестија на над 1.000 затвореници, сторители на тешки кривични дела. Заради тоа, се посдочува на крајот на партиското соопштение, ВМРО-ДПМНЕ го изразува својот револт и нема учествува на конститутивната седница на ЗЕЛС.
Конститутивната седница на новите органи на ЗЕЛС, по завршувањето на локалните избори, се одржува денеска во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ сега има пет градоначалници, кои, според најавата од партијата, нема засега да учествуваат во работењето на ЗЕЛС.