ВМРО-ДПМНЕ упорно се разминува со ЕПП за договорот со Грција


ВМРО – ДПМНЕ и денеска ја „бомбадира“ јавноста со соопштенија и изјави со кои го осудува договорот за името со Грција и повикува на масовност на протестите во Битола, иако во текот на денот нејзината сестринска политичка групација Европската народна партија се јави со поддршка за решението што го постигнаа македонскиот и грчкиот премиер.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија попладнево дека вчера и Централниот комитет на партијата изградил став дека се работи за исклучително штетен договор, кој, како што се оценува, е во апсолутна спротивност со државните и националните интереси и претставува акт на пораз и капитулантско дело на Зоран Заев.

„Имаме договор што сакаат да се изгласа со просто мнозинство, а наметнува промени на Уставот кои се гласаат со две третини. Овој нереципроцитетен капитулантски договор истовремено не дава ниту било какви гаранции дека Македонија нема да биде доведена во ситуација како со Привремената спогодба, односно дури и Заев да исполни се на што се обврзал, дека грчката страна ќе се придржува кон него“велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека ќе ги искористат сите демократски методи за да го спречат договорот.

„Воедно ги повикуваме сите граѓани, незадоволни од капитулацијата на Заев, незадоволни од договорот кој го постигнал со Ципрас, незадоволни од економското цунами и пустош на владата на СДСМ да ни се приклучат во протесниот марш во Битола“, апелираа од опозициската партија.

Претходно, Европската народна партија го поздрави договорот постигнат помеѓу двете влади во Атина и Скопје. ЕПП се надева дека процесот на имплементација ќе се одвива без пречки од двете страни со што ќе се отвори патот за влез на Македонија во НАТО и можност за почеток на преговори со ЕУ.
– Ова е клучен миг за Скопје и веруваме дека сите политички партии треба да се стремат кон позитивно и конструктивно однесување за градење на европската иднина на земјата – истакнуваат европските демохристијани.

Соопштението е напишано од бугарскиот пратеник Андреј Ковачев, потпретседател за проширување во ЕПП, Сандра Калниете, потпретседателка на работната група за надворешни работи и Кристијан Дан Преда, координатор за надворешни работи. Наспроти ЕПП, опозициските партии од двете земји кои се членки на оваа европска политичка група се против договорот Скопје – Атина.