ВМРО-ДПМНЕ: Судот е најодговорен за продлабочувањето на кризата


Судот, според ВМРО-ДПМНЕ, е директен соучесник во континуираното уништување на правната држава. Судот, како што се наведува во денешното соопштение на партијата, е директен соучесник во креирањето на недемократска атмосфера на страв, во која Зоран Заев, како што е посочено, ќе може без опозиција да носи закони за двојазичност, да ја задолжува земјата или да ратификува договори со кои се брише историјата и македонскиот јазик.

„Доколку судиите имаа интегритет, совест и свест ќе ги ослободеа сите неправедно притворени лица од 27 април, но очигледно е дека за нив е најважен политичкиот интерес. Дурловски, Јовановски, Дамовски, Илиевски, Божиновска, Чавков, Мукоски и останатите неправедно обвинети се жртви на политички прогон само заради храброста, истрајноста гласно да го искажат своето несогласување со антидржавните и антимакедонските политики на власта предводена од Заев. Не се почитуваат нивните основни човекови права. Прогонот на десетици невини луѓе, патриоти кои си ја сакаат својата држава за фабрикувано дело тероризам мора да запре“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Судот, според опозициската партија, е најдиректен и најодговорен учесник во сѐ поголемиот раздор и продлабочување на кризата која е поттикната од катастрофалните политики на секое поле од страна на владата на СДСМ.

„Судството не смее да биде алатка на политиката! Судот и правосудните органи ја злоупотребуваат мерката притвор. Тие треба да знаат дека оваа мерка се користи само како крајна цел за обезбедување на осомничените, а не како средство за пресметка со сите оние кои размислуваат различно од СДСМ и Зоран Заев“, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.