ВМРО-ДПМНЕ со 1.500 „четворки“ ќе ја руши власта


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги привршува подготовките за „работното лето“, како што ги крстија активностите во наредниот период. За партијата која 11 години беше на власт ќе нема одмор, целта е да се посетат што е моќно повеќе домови, села и градови за да им се укажале на граѓаните последиците од штетната политика на владата на Зоран Заев. Ќе се бараат предвремени парламентарни избори, по можност заедно со претседателските најавени идната пролет, а ќе биде претставена и изборната програма што наскоро треба да биде завршена. Се следат и активностите околу договорот за името, најавениот референдум и пораките од Брисел, по што ќе бидат преземени соодветни чекори.

Подготвени се 1.500 тима, секој брои по четири лица, значи 6.000 лица, кои ќе ја поминат секоја педа од Македонија. Едниот од нив ќе го предводи претседателот Христијан Мицкоски, тука се потпретседателите, претседателите на општинските комитети, членовите на извршниот комитет, пратеници, функционери, истакната членови, млади кадри, професори, луѓе од јавната сфера, сите оние што се подготвени да се жртвуваат за партијата, но пред сѐ за државата, оти со ваква власт и неа ќе ја снема“, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според плановите, посетите ќе се вршат во однапред планирани региони, а секоја недела ќе завршуваат со општонароден протест во најголемиот град во тој реон. Кон крајот на август се планира уште еден голем митинг во Скопје против владата предводена од СДСМ и од ДУИ.

Тоа не значи дека нема да организираме ништо во меѓувреме, тоа ќе зависи од потезите на власта, плановите околу референдумот, цензусот, прашањето, имплементацијата на договорот со Грција, против кој се противиме, но и од некои други непредвидливи работи што може да произлезат од ваква влада каква што имаме сега“, објаснуваат нашите извори.

Предвидени се средби со граѓани, но и целни групи, како земјоделци, занаетчии, млади, стечајци, стопанственици… Тие состаноци ќе се користат за размена на идеи и предлози, како и барања за кои ќе се изнајдат решенија и потоа ќе бидат преточени во програмата „Новиот завет“, која ја подготвуваат експерти од научната и општествената фела. Во неа се ветува намалување на данокот на добивка за фирмите на половина за оние што втората половина ќе ја искористат за инвестиција и нови работни места, укинување на зголемената акциза за дизел-горивата, реконструкции, изградба на нови болници, директна понуда за вработување на најдобрите 500 студенти секоја учебна година…

Ова лето ќе биде ‘Лето за Македонија’, затоа што тоа е нашиот долг кон нашата татковина. Тоа е она за што се бориме и ќе продолжиме да се бориме. Ќе биде посетен секој град од повеќе тимови на партијата. Ќе ги посетиме домовите на луѓето, ќе поразговараме со секој поединец. Ќе побараме мислење, ќе имаме граѓански собири на кои ќе ја кажуваме нашата вистина, нашата позиција и ставови. Заеднички ќе се спротивставиме на сето она што денес го мачи секој граѓанин. Народот мора да биде внимателен, не смееме да паднеме на изрежирани провокации“, вели претседателот Мицкоски.

Опозицијата досега организираше два собира против Владата, едниот во Скопје на 2 јуни и вториот во Битола на 17 јуни, кога се одбележа 28. роденден на партијата, а кој се совпадна со денот кога во Мала Преспа беше потпишан договорот за името со Грција. Во најголемата опозициска партија тврдат дека нема да гласаат за потребното двотретинско мнозинство за ратификација на договорот, но, сепак, оставаат простор доколку биде одржан референдум во фер и демократски услови, а кој ќе покаже дека мнозинството граѓани го прифаќаат новото име и останатите одредби, тогаш ќе мора да ја почитуваат народната волја. Во Белиот дворец калкулираат и околу најавата на Заев дека ќе се обиде да стигне до потребните 80 пратеници, кои ќе застанат на страната на мнозинството. ВМРО-ДПМНЕ влезе со 51 пратеник, но Амди Бајрам, Чедомир Саздовски и Јусуф Хасани го променија „дресот“, истото е можно да се случи и со тројцата пратеници од Социјалистичката партија.

Во таков случај, нашата коалиција останува со 45 пратеници, но тројца наши пратеници сѐ уште се во активен притвор поради ланските инциденти во Собранието и тие се под страшен притисок и уцени“, тврдат во ВМРО-ДПМНЕ.

Кога станува збор за „работните лета“ на партиите, во 2012 година и СДСМ, кога беше во опозиција, излегуваше на средби со граѓаните. Тогашниот претседател Бранко Црвенковски извика дека ќе зборуваат со граѓаните, како што рече, ако треба еден по еден, за во очи да им ги објаснат решенијата и дека ќе ги побараат нивните забелешки и ќе ги убедат дека се подобра опција од конкурентите. На терен одеа тогашниот претседател Бранко Црвенковски, потпретседателите Зоран Заев, Ана Павлова-Данева и Зоран Јовановски, како и пратениците од Собранието.

Горан Адамовски