ВМРО-ДПМНЕ се координира пред комисиската расправа за уставните амандмани


Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска попладне на состанок со пратениците од нивната пратеничка група и Коалицијата „За подобра Македонија“ треба да ја утврдат конечната позиција како ќе делуваат утре и во среда кога се закажани седниците на Комисијата за мандатно – имунитетни прашања, односно на Комисијата за уставни прашања.

Мицкоски вчера во интервју за Сител, најавувајќи ја координацијата, кажа дека ќе водат жестока дебата по поднесените нацрт-амандмани за уставните измени на комисиската, а потоа и на пленарната седница.

– Очекувам една жестока критика на сето она што ќе биде предложено од владејачкото мнозинство и Владата во рамки на комисиската расправа, а потоа и во рамки на собраниската расправа од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, сето она што претходно го излажаа за владејачкото мнозинство да биде демаскирано пред јавноста, кое едно зборуваа претходно, а друго имплементираат на дело,  рече Мицкоски.

Тој потврди дека во моментот има нова реалност во Собранието, односно 80 пратеници кои гласаа за потребата за отпочнување на уставни измени, но рече и дека процесот е долг и допрва продолжува.

Предлогот за одземање на мандатот на поранешниот премиер, а сега пратеник Никола Груевски, кој е осуден на две години затвор за набавката на луксузниот мерцедес во предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство, е единствена точка на дневен ред на за утре закажаната седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Членовите на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во петокот се изјаснија дека нема да гласаат за одземање на мандатот на поранешниот лидер на партијата.

Груевски најдоцна до 8 ноември треба да се јави на издржување на двегодишната затворска казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.