ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е болест за здравството


Владата нема ниту еден проект во областа на здравството.  Здравството тоне, а пациентите го плаќаат тоа со своето здравје и живот, обвини денеска опозицијата.

„СДСМ и по повеќе од една година само се фали со проектите на ВМРО-ДПМНЕ. Стратегијата за превенција на оралните заболувања кај деца од нула до 14-годишна возраст, проект на ВМРО-ДПМНЕ, со која беа опфатени 93 отсто од децата до 14-годишна возраст во перидот од 2007 до 2017 година, покажа одлични резултати. Просекот на заби со кариес кај децата во 2007 година изнесувал 6,8 проценти , а во 2017 година е намален на 1,9 процент. Ова го призна и самиот Филипче“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа мерка, според опозициската партија, како и најголемиот број од мерките имплементирани од ВМРО-ДПМНЕ, како во здравството така и во сите други општествени сфери дава одлични резултати за граѓаните од областа на здравствената заштита.

Венко Филипче и СДСМ ги признаа и потврдија успешните политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ во здравството и здравствената заштита. Филипче и СДСМ денес покажаа дека оваа Влада нема ништо сработено од областа на здравството, па мора да се фали со проектите на ВМРО-ДПМНЕ, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.