ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставниот суд за Законот за јазици


ВМРО-ДПМНЕ денес поднесe иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на Законот за двојазичност. Според ВМРО-ДПМНЕ  законот за двојазичност е противуставен, донесен во нелегална процедура, а со тоа и штетен.

„Указот за прогласување на законот за двојазичност е објавен само со потпис на Талат Џафери и без потпис на Претседателот на државата – Ѓорѓе Иванов, што е во целосна спротивност на Член 75 од Уставот, кој предвидува указите за прогласување на законите задолжително да се потпишуваат од Претседателот на Република Македонија. На указот на Законот за двојазичност стои единствено потписот на Талат Џафери, кој се потпишал во име на претседателот на држава – иако на претседателот на државата, ниту му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши, што е уште една незаконитост спротивна на Член 82 од Уставот. Тоа значи дека во конкретниов случај не е исполнет ниту еден од условите указот да биде потпишан од Џафери во име на Претседателот на државата“, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Според Јанушев, Талат Џафери и владејачкото мнозинство предводено од СДСМ и Заев брутално го погазуваат Уставот.

„Законот за двојазичност е во целосна спротивност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој вели дека „На целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Со Законот за двојазичност – македонскиот јазик се изедначува со секој друг јазик кој го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и со тоа македонскиот јазик од кохезивен фактор во општеството се претвора во еден од двата службени јазици, што е незаконски и противуставно. Дополнително власта врши прекршување и при носењето на законот, бидејќи Законот за двојазичност е закон кој уредува и прашања за употреба на јазикот во судските постапки и органите на државната управа и општините, кои според Член 98 и Член 119 од Уставот се носат со двотретинско мнозинство.Уставните прекршувања мора веднаш да запрат. Република Македонија мора да биде правна држава, а не држава во која ќе се гази највисокиот правен акт“, вели Јанушев.

ВМРО-ДПМНЕ бара од Уставниот суд донесување на времена мерка – запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Законот за двојазичност и Указот за прогласување на истиот.