ВМРО-ДПМНЕ: Новиот Клинички ќе чини 480 милиони евра


ВМРО-ДПМНЕ реагира дека новиот Клинички центар „Мајка Тереза“, кој треба да се гради во Ѓорче Петров, ќе чини 480 милиони евра што е четири пати повеќе од трошокот што претходната влада го планираше за изградба на капиталниот објект.

„За потсетување, оваа власт го раскина договорот за изградба на новиот Клинички центар, вреден 128 милиони евра, за кој се беше готово, само требаше да стартува изградбата. ВМРО-ДПМНЕ остави готов проект, со потпишани договори за градба вредна 72 милиони евра, со физибилити студии, со финансиски планови, со најдени пари, со се подготвено, ама тоа пред две години не им чинеше на оваа влада. Сега е јасно зошто! Денес бараат не 120, туку четири пати повеќе – 480 милиони евра!? Немаат финансиски план, а пресметале дека ќе потрошат 480 милиони евра!?“, рекоа од најголемата опозициска партија.

Тие упатија неколку прашања до владата и до министерот Венко Филипче:

„Како тоа само што не фрлиле темели, а немаат ниту финансиски план, ниту урбанистички план, ниту било каква инфраструктурна мрежа до наводната избрана локација за новиот Клинички? Дали се направени геомеханички испитувања на теренот каде што наводно ќе се гради Клиничкиот, за што треба најмалку 6 месеци? Има ли идеен, па основен, па ревидиран проект за градбата, има ли затоа кој ќе го прави проектот, бидејќи само за изработка на ваков проект потребна е околу година ипол. Повторно, знаат ли дека за се ова се потребни тендерски постапки?

И за крај и најважното, колку време ќе им треба за преговарање со финансиските институции од каде што ќе треба да се земат, да се позајмат над 500 милиони евра за целосно завршување на проектот?

Почитуван Филипче, Заев, СДСМ доста е! Вашите лаги, вашите криминалии веќе не минуваат кај граѓаните! Скапите реклами за европско здравство не ги лечат граѓаните. За краток период направивте огромни и трагични грешки во здравството! Доста е! Заминете си“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.