ВМРО – ДПМНЕ не оди на летен одмор


Кога во 2015 година од претседателот на шпанските социјалисти Педро Санчез беше побарано да ја поддржи малцинската влада на десничарот Маријано Рахој, а тој одби, тоа предизвика гнев кај поголемиот број сопартијци поради што мораше да ја напушти лидерската позиција. Социјалистите сметаа дека нивниот прв човек греши што пропушта убава шанса да лапнат од колачот на власта, па му покажаа црвен картон. Санчез воопшто не се демотивираше, туку, напротив, го зеде својот личен автомобил и педа по педа почна да ги обиколува градовите и селата во Шпанија, домовите каде што живеат членовите и симпатизерите на Социјалистичката партија. Прашувајќи ги што не чини во политиката на матичната партија, како и на државно ниво, се обидуваше да го склопи мозаикот и да добие прецизна слика за потребите на граѓаните. По шест месеци, повторно се врати дома. Посилен од кога било, уште еднаш ја презеде партијата и со неа излезе на избори. Иако не успеа да победи на парламентарните избори, беше доволно блиску за да биде значаен фактор при носењето одлуки. Ја чекаше својата шанса и ја дочека. Минатата недела Народната партија на Рахој мораше да абдицира поради големите коруптивни скандали што ја потресоа партијата. За нов премиер беше избран Педро Санчез.

Неговото работно лето може да биде инспирација за македонската опозиција, која по големиот митинг пред седиштето на Владата во Скопје, најави посета на секој дом по градовите и селата. Паралелно со изборната програма со наслов „Новиот завет“, која ја подготвуваат стручњаци од научната и општествената фела, во партијата ќе ги убедуваат граѓаните дека актуелната власт предводена од СДСМ и ДУИ е штетна и дека новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ е доволно кадарно да ја врати Македонија на вистински колосек.

Ќе има повеќе тимови од партијата кои ќе одат во посети на терен. Тимовите ќе бидат составени од членови на извршниот комитет, како и претседатели и раководства на општинските комитети од градовите и населените места што ќе ги посетиме. Еден од тие тимови ќе биде предводен од претседателот Христијан Мицкоски“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.Според партиските планови, ќе се одржат средби со граѓани, но и целни групи како земјоделци, занаетчии, млади, стечајци, стопанственици…

Наедно, тие средби ќе се користат и за размена на идеи и предлози, како и барања за кои ќе се изнајдат решенија и потоа ќе бидат преточени во програмата. Планот е да има активизам низ целото лето, како и да се посетат што е можно поголем број на домаќинства за да се слушнат нивните проблеми и мислење“, коментираат од партијата.Во новата програма се предвидува намалување на данокот на добивка за фирмите на половина, за оние кои втората половина ќе ја искористат за инвестиција и нови работни места, укинување на зголемената акциза за дизел-горивата, реконструкции, изградба на нови болници и масовно вложување во медицинскиот кадар, директна понуда за вработување на најдобрите 500 студенти секоја учебна година…

Стратезите на најголемата опозициска партија сметаат дека одењата на терен и директните средби со граѓаните во нивните домови ќе биде многу поефективно отколку секојдневни

протести против Владата на улиците во Скопје, кои ем нема да бидат многу посетувани ем нема да ги привлечат неутралните и разочараните гласачи. Од тие причини, се откажале од првичните најави на лидерот Мицкоски, кој уште зимоска повика на протести во мај и неприбирање од таму додека не се закажат предвремени парламентарни избори и паѓање на владата на Заев. Сега се смета дека за консолидација на внатрепартиските редови ќе биде потребна уште приближно една година, а за тоа време би растело незадоволството на граѓаните од работата на Владата што би предизвикало крајна цел: враќање на власт на предвремени избори што би се одржале во април наредната година заедно со претседателските.

Тоа не значи дека ќе бидеме неми набљудувачи на ова што ѝ се случува на Македонија на економски, политички, социјален, општествен и секаков друг план. Напротив, нашите активности се испланирани до крајот на летото, за наесен планираме други, но во зависност од потезите на актуелната влада, пред сѐ преговорите за името со Грција и доколку евентуалниот договор биде штетен по националните интереси, навреме ќе реагираме“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и најавуваат дека следниот викенд во Битола „скромно“ ќе го прослават 28. роденден на партијата, затоа што нема време за прослави.

Ова не е прво работно лето на партиите. Во 2012 година и СДСМ кога беше во опозиција излегуваше на средби со граѓаните. „Ако треба еден по еден, за во очи да им ги објасниме нашите решенија, ќе ги побараме нивните забелешки и ќе ги убедиме дека сме подобра опција од нашите конкуренти“, најавуваа тогаш од СДСМ.. На терен одеа тогашниот претседател Бранко Црвенковски, потпретседателите Зоран Заев, Ана Павлова-Данева и Зоран Јовановски, како и пратениците од Собранието.

Горан Адамовски