ВМРО-ДПМНЕ: Не го блокираме носењето на законот за медиуми


ВМРО-ДПМНЕ не го блокира носењето на законот за медиуми. Напротив се обидува да издејствува подобро решение кое ќе гарантира поголема независност на регулаторните тела за медиуми и ќе ги направи отпорни на притисоците на власта. Главната цел на искажаните ставови последните денови е тенденцијата на „министерот за вистина“ Роберт Поповски, како и на министерот за партизација на администрацијата Дамјан Манчевски, за комплетно одземање на независноста на регулаторните тела за медиумите во Република Македонијa, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ поднесе 60-тина амандмани кои произлегоа од јавната дебата при креирање на предлог-текст за закон. Всушност се работи за амандмани кои спречуваат партизација преку начинот на избор на членовите на регулаторните тела. СДСМ и Роберт Поповски бараат начин веднаш, со политичка одлука, да бидат вметнати партиски кадри во овие тела. Со тоа пред истекот на рокот би се прекинал мандатот на актуелните членови. Притоа, ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со наведените критериуми кои ги предлага СДСМ и нивното Министерство за вистина. За дел од нив се бара да бидат како дополнителна вредност при следното конкурирање за избор на членови, а не главен предуслов,со што би се избегнало токму фаворизирање на лица блиски на СДСМ, што е целта на актуелното решение. Во меѓувреме јавноста сведочи за незапаметен притисок од министри и врз јавниот сервис ЈП МРТ и врз регулаторното тело АВМУ. Притисок кој што секако не е без политичка заднина. Сепак, од оние кои треба да бидат на страната на медиумите, нема ниту збор ниту за нападите од министрите врз МРТ, ниту пак за омаловажувањата и физичките напади врз новинарски екипи“, се наведува во соопштението.