ВМРО-ДПМНЕ нема да прославува в сабота, ама ќе протестира в недела


Опозицијата нема да се приклучи на прославата во сабота по повод добивањето на поканата, иако нејзините пратеници во Комисијата за одбрана и безбедност ја поддржаа денеска идејата за донесување собраниска декларација за поддршка на пристапниот процес на Македонија во НАТО.

Ден по прославата што ја организира владата во 15 градови во земјава, односно во недела, ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе повторно на протестен марш – овој пат во Кавадарци, по минатонеделниот протест во Струмица, а претходно во Битола. Со протестот во Кавадарци почнува т.н. работно лето на ВМРО-ДПМНЕ.

Не е дозволиво, велат од ВМРО-ДПМНЕ, да се прават прослави за договор за промена за името и за таа цел да се трошат огромни суми пари.
-Во 2008 година беше јасно дека Македонија ги исполни критериумите за НАТО, но доби јасен услов за името. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ не прославуваше. Сега Македонија нема безусловна покана, но државата и официјално станува заложник на капитулантскиот договор на Заев. Поразите не стануваат победи. Исто како што и за договор за промена на името не е дозволиво да се прават прослави и да се трошат огромни суми на пари, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За поддршката на собраниската декларација за НАТО, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев изјави дека неговата партија секогаш поддржува декларации и резолуции кои се во насока на членството на Македонија во НАТО и во ЕУ.