ВМРО-ДПМНЕ на крстосница


Иако очекуван, изборот на Христијан Мицкоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја става најголемата опозициска партија на крстопат меѓу посакуваното обединување и поход кон власта и реалното незадоволство и фракционерство на дел од поранешните и актуелните функционери. Конгресот во Валандово, а уште повеќе реакциите по него, ја доловија сликата дека ерата после Никола Груевски ќе биде болна, тешка и неизвесна. Расколот видлив со недели и месеци веќе никој не се ни обидува да го сокрие, а „ножевите и ножињата“ се забија во вмровското ткиво. Новиот лидер, кому грбот ќе му го чува највлијателниот партиски двоец, Никола Груевски – Сашо Мијалков, ќе има нималку лесна задача да соработува и да излезе на крај со Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Никола Попоски, Никола Тодоров и Филип Петровски. Засега ниту еден од нив нема да ја напушти партијата, но изразуваат сомневање како и на кој начин би кохабитирале со Мицкоски, чиј избор за претседател го сметаат за нелегитимен.

По првичниот молк на првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, кој не сакаше воопшто да ги коментира кавгите и случувањата во партијата, помалку изненадувачки одекна неговата порака дека Мицкоски заслужува шанса.

Христијан Мицкоски од сите имиња што беа кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, сепак, е најнекомпромитиран, неизвалкан со афери, најенергичен и конечно најхаризматичен. Христијан има шанса да остави свој печат во ВМРО. Треба да му се даде шанса“, напиша Георгиевски на својот фејсбук-профил.

За разлика од него, довчерашниот член на партијата, Јове Кекеновски, смета дека изборот на Мицкоски за претседател е почеток на крајот на ДПМНЕ, но не и на светите букви ВМРО. Според него, на површина излегло сето она фиктивно единство во кое единствена врзовна точка им бил интересот, а не идеологијата.

Сега секој ќе си влече на своја страна, согласно своите интереси и лобија. Новите ‘бунтовници’, претпоставувам дека ќе останат во партијата и ќе се пазарат на разни можни начини со Мицкоски, но и со Заев, имајќи предвид дека добар дел од нив се пратеници. Тоа ќе биде групација без команда, односно без единствена команда од причина што имате нелегално избран претседател, кој нема кредибилитет во членството, нема почит спрема него и не ќе може да спроведе ниту една партиска одлука, како што вообичаено се прави“, ни изјави Кекеновски.

Илија Димовски и Антонијо Милошоски, кои беа дел од потписниците на писмото во кое се бараше одложување на конгресот во Валандово, колективно претседателство и престанувањето на притисоците од машинеријата на Груевски во полза на Мицкоски, за „Независен весник“ потврдуваат дека, и покрај несогласувањата, остануваат во партијата.

Член сум на ВМРО-ДПМНЕ од 1992 година. Продолжувам како пратеник“, вели Милошоски.

Попоски соопшти дека се откажал од функцијата во извршниот комитет во ВМРО-ДПМНЕ, Тодоров најави дека ќе се посвети на адвокатурата, додека Петровски уверува дека набргу ќе биде свикан вонреден конгрес, во кој навистина ќе се почитува волјата на членството, а не на поединци.

Својот прв ден како претседател Мицкоски го помина во Струмица. Се помоли во црквата „Св. Петнаесет Тивериополски маченици“ и побара мир, спокојство за себе и за сите граѓани.

Луѓето во текот на својот животен пат носат многу одлуки, дел од тие одлуки некогаш знаат да бидат и погрешни, најголемиот дел се исправни. Како луѓе и како христијани треба да научиме на простување, да посочуваме на грешките и истите да ги разбираме, а оние што грешат треба да научат да извлечат поука од грешките и истите да не ги повторуваат. Како народ и како граѓани на оваа држава ни е потребно помирување, толеранција и разбирање за сите останати. Јас одлучив денеска да го почнам мандатот како претседател од ВМРО-ДПМНЕ од оваа свето место и да се помолам пред иконата на Мајка Богородица – Брзопослушничка“, изјави Мицкоски.

Тој беше избран на саботниот конгрес во Валандово на кој отсуствуваа повеќе од 100 делегати од предвидените 544. За него гласаа 376 делегати, а 52 ливчиња беа неважечки. Мицкоски беше единствениот кандидат за претседател откако другите потенцијални наследници на Груевски одбија да учествуваат во „наместен натпревар“.

Европската народна партија, во чие семејство припаѓа и ВМРО-ДПМНЕ, вчера преку Твитер му го честита изборот на Мицкоски. Оттаму порачаа дека на Македонија ѝ е потребна силна опозиција во Собранието за да се преземат потребни реформи и да се адресираат предизвиците на евроатлантскиот пат. Од СДСМ очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да покаже одговорност пред граѓаните и интересите на државата и конструктивно да се вклучи во процесите што обезбедуваат економски раст, повисок животен стандард, слобода, демократија, владеење на правото, добрососедски односни и интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО.

Новото време на соработка, пријателство, напредок и заедништво ги отвора перспективите на Македонија како едно демократско општество во кое сите граѓани ќе бидат еднакви спрема правата, обврските и законите“, соопшти СДСМ.

Горан Адамовски