ВМРО-ДПМНЕ: МВР набавило 240 илјади бланко обрасци за пасоши пред гласањето за амандманите


Околу 240.000 бланко обрасци за пасоши чекаат на царина на само неколку дена пред гласањето на уставните промени во Собранието, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на информации од медиумите.

-Зоран Заев и Оливер Спасовски или го кршат Уставот и законите набавувајќи бланко обрасци за патни исправи со променето име Северна Македонија или прават криминална зделка во која што набавуваат огромна количина обрасци со името Република Македонија, а за десетина дена планираат да го сменат уставното име. Власта која најави гласање на уставните измени до 15 јануари набавила околу 240.000 бланко обрасци. Дали овие обрасци се со името Република Македонија или со името кое Заев и Ципрас го договорија, изјави Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, доколку обрасците се со името Република Македонија, а власта го промени името на државата во Собрание тогаш тие 240.000 обрасци вредни милиони евра ќе бидат неупотребливи и ќе треба да се уништат, а парите дадени за нивна набавка ќе бидат директна штета за државата. Во вториот случај, вели,  доколку обрасците за пасоши се со името Северна Македонија, што ќе се случи доколку името не помине во Собрание, дали повторно истите се неупотребливи и ќе треба да се уништат.