ВМРО-ДПМНЕ: МВР деградира припадници на специјалните единици


СДСМ ја загрози државата на политички, економски, а сега ја доведува во опасност и на безбедносен план. Без никаков респект и без никаква оправдана причина, Министерот Оливер Спасовски се пресметува со припадници на специјалните единици, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Се делат решенија на десетици припадници на Единицата за специјални задачи „Тигар” и припадници на Единицата за брзо распоредување кои учествувале во акциите во Диво Насеље и „Планинска бура”, но и низа други успешни полициски операции.
Професионалците кои при насилните протести за случајот „Монструм” ги штитеа судовите и другите институции сега се предмет на деградирање и шиканирање. Надвор од законот и од системот на кариера, на овие обучени професионалци им се нудат решенија за пониски работни места и позиции за кои и не се неопходни нивните вештини. Доколку не прифатат, според информациите кои ги имаме следуваат закани со откази за нив. Дел од специјалците се префрлаат и со наредба на несоодветни места“, се наведува во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ со ваквите потези, власта на СДСМ сериозно ја загрозува борбената готовност и капацитетот на полициските специјални единици.

„Овие специјалци се професионалци кои поминале разни обуки. Ова се професионалци кои учествувале во спасувачки мисии во регионот и секогаш биле на располагање во нашата земја. Во обуката на секој од нив се вложени десетици дури и стотици илјади евра. Спасовски и Заев сега одлучуваат со партиско-политичка одлука да ги девалвираат и префрлат во единица за службени кучиња или по куќаркит од кои се обезбедуваат дипломатско-конзуларни претставништва. Отворено се сомневаме дека единствената причина поради која што Спасовски го прави сето ова е политичка. Не се во прашање никакви стандарди туку единствено задоволување на барањата на коалициските партнери и полнење на елитните единици по партиски клуч“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.