ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во кавга за законот за јазици


Употребата на македонскиот и на албанскиот јазик во Македонија нема да биде идентична, велат од СДСМ, како одговор на секојдневните реакции на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за новиот закон за употреба на јазиците, за кој рокот за поднесување амандмани истекува денеска.

Според СДСМ, од каде што најавија повеќе аманадмнаски интервенции на првичниот текст на законот, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да шири лажни вести и останува заробенa во, како што се наведува, политиките на поделби, конфликти и изолација, што граѓаните целосно ги отфрлија на последните избори.

„Новото време на соработка, пријателство, напредок и заедништво ги отвора перспективите на Македонија како едно општество во кое сите граѓани ќе бидат еднакви спрема правата и обврските. Измените на Законот за употреба на јазиците ја унапредуваат употребата на сите јазици на сите заедници во Македонија и истите се во согласност со Уставот на Македонија и амадманот пет од пред 16 години. Наместо секојдневно да шири лажни вести, граѓаните очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да се надмине и да даде поддршка на процесите што носат придобивки за сите граѓани и кои ја градат Македонија како едно општество за сите“, се наведува во реакција од СДСМ.
Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека законот за двојазичност на, како што велат, СДС – предвидува постапките пред нотар и извршител на територија на цела држава да бидат двојазични. Ова, според ВМРО-ДПМНЕ, стои во член 10 од овој закон.

„Со овој закон по предлог на СДС, нотарите и извршителите од градови како Штип, Струмица, Кочани, Делчево, Радовиш, Гевгелија и други градови низ Источна и Јужна Македонија, каде нема практично граѓани албанци или па се во многу мал број, ќе мора да издаваат документи на албански јазик, само затоа што законот ги обврзува. Сето ова се дополнителни трошоци кои повторно ќе паднат на товар на граѓаните. Овој закон е надвор од рамките на Уставот и е спротивен на реалните потреби на граѓаните во Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.