ВМРО-ДПМНЕ и денеска ќе блокира крстосници и ќе протестира пред судот


 

ВМРО-ДПМНЕ денес во периодот од 15 часот до 17 часот ќе блокира три раскрсници во Скопје, а во 18 часот ќе протестира пред Основниот суд Скопје 1, соопштија од партијата.

Блокадите и протестот се поради апсењето и притворите на уметници, глумци, режисери, архитекти, пратеници, припадници на безбедносните сили и луѓе кои беа дел од иницијативата „За заедничка Македонија“.

„Измислувањето и конструирањето на обвинение за тероризам против луѓе кои не сториле ниту прекршок во својот живот е класичен политички реваншизам против сите кои не се согласуваат со антидржавните политики и имаа храброст тоа јавно да го кажат. Да се прогласат за терористи луѓе кои никогаш не држеле оружје во рака и истите да се изедначат со терористите од „Диво Насеље“ кои убија осуммина бранители е срамно и недозволиво, се вели во партиското соопштение.

Ќе бидат блокирани крстосницата кај „Мавровка“, крстосницата помеѓу улиците „Васил Чакаларов“ и „Ангел Динев“ во општина Карпош и крстосницата кај „Рампа“ во општина Кисела Вода.

„Правосудните органи се директно под контрола на Заев и неговата хунта. Слепо ги извршуваат неговите наредби. Неосновано се изрекуваат притвори, а потоа по налог на хунтата продолжуваат да се газат човековите права. Службените лица се изживуваат и ги фотографираат неправедно притворените, а потоа ги испраќаат фотографиите до медиуми под контрола на СДС за да му се пофалат на Заев што направиле. Доколку овие лица немаа наредба од највисокиот партиски врв на СДС за да го прават ова, досега ќе имаше кривична пријава и против нив и против директорот на Истражниот затвор „Шуто Оризари“, а невладините организации и новинарските здруженија ќе ги осудеа медиумите“, се вели во соопштението.