ВМРО-ДПМНЕ: За неполни две недели СДСМ се обиде од државата да украде 45 милиони евра


Македонија е заложник на криминалниот картел кој го предводи Заев. Правната држава стана мисловна именка, а за само една година СДСМ и Заев успеаја да го урнисаат целосно поредокот во државата. Обвинителството и судството наместо да го гонат криминалот, станаа негови заштитници, работејќи како партиски испостави кои служат единствено да го амнестираат криминалот на СДСМ, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

„Боро Стојчев, градоначалникот шверцер од СДСМ е само последниот во низата амнестистарни од правосудниот систем во Македонија. Амнестиран како што беше амнестиран и неговиот шеф Зоран Заев во случајот „Поткуп“ во кој тој од струмички бизнисмен без срам бараше мито од 200 илјади евра. Тоа што Заев го правеше како градоначалник, продолжи да го прави и како премиер. Корупцијата и криминалот царуваат во државата, а сомнително доделените грантови од Фондот за иновации на блиски соработници и партиски послушници се само последниот пример за тоа како работи Заев. Без разлика на молкот од органите на прогонот, народот го памети и криминалниот тендер во здравството тежок 35 милиони евра“, се наведува во соопштението на партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ Заев и СДСМ за неполни две недели се обидоа од државата да украдат неверојатни 45 милиони евра.

„Заев општиот грабеж во државата се обидува да го компензира со распродажба на националните и државните интереси. Иако ветуваше и се колнеше дека нема да дозволи промена на уставното име на државата, а се колнеше и во своите предци и идни поколенија дека нема да дозволи промена на идентитетот и јазикот, Заев го направи спротивното. Картелот во обид да го сокрие најбруталниот грабеж во македонската историја се откажа од македонското име, јазик, идентитет, историја, култура, но и од Македонците во соседството. Како што претходно лажеше дека нема да се откаже од се што е македонско, Заев сега ги лаже и манипулира граѓаните со референдумот, и најави дека и да не успее референдумот ќе продолжи со имплементација на одредбите од капитулантскиот договор со соседна Грција“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.