ВМРО-ДПМНЕ: Заев не ја гледа бедата од луксузот и воздухот во Гармиш


ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешното интервју на премиерот Зоран Заев за „Цивил медиа“ и му порачува ти бедата во која живеат македонските граѓани не може да ја види поради чистиот воздух и луксузните хотели во Гармиш, Германија каде што престојува на зимски одмор. Според опозицијата, две години откако Заев е на власт, Македонија е понижена и посрамена, избришано е името на земјата, нејзиниот идентитет е распродаден, а ќе се менува историјата, културата и традицијата.

„Експертската јавност потврдува дека Законот за двојазичност е спротивен на Уставот и е објавен во Службениот весник надвор од сите правни процедури, спротивно на Уставот, спротивно на законите на Република Македонија, насилнички на истиот начин на кој што беше изгласан. Две години откако Заев е на власт Македонија тоне во корупција, парите на граѓаните завршуваат во џебовите на партиски и државни функционери преку криминални тендери и грантови. Заев во своето интервју се уште ја лаже македонската јавност дека капиталните инвестиции се во пораст 2018, која  историски се покажа како најлоша година за реализација на капитални инвестиции од било која влада досега. Заев безочно лаже и се фали дека започнала со изградба на нови автопатишта, а изминатите две години не е реализирана изградбата на ниту еден автопат ниту една капитални инвестиција“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот, повторуваат дека доколку Заев толку верува во анкетите и реализацијата на ветеното, нека се врати од Германија и нека распише предвремени парламентарни заедно со претседателските.