ВМРО-ДПМНЕ дополнително ќе одлучува дали ќе бојкотира


Највисоките форуми на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесат одлука каква кампања ќе води партијата на престојниот референдум за името, доколку денеска биде донесена одлуката за распишување на референдумот, најави Игор Јанушев, генералниот секретар на опозициската партија.

Во изјава пред Собранието, Јанушев најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува на денешната седница за распишување на референдумот и дека ќе се обиде со сите аргументи да ја одврати владејачката гарнитура од понатамошно спроведување на договорот со Грција, кој, според него, е капитулантски и штетен за државата.

-Ако денеска помине одлуката за референдумот, која е незаконска и е израз на самоволието и на насилништвото на власта, тогаш највисоките тела на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесат одлука како ќе се поставиме во кампањата, рече Јанушев , на  прашање дали опозициската партија ќе ги повика своите поддржувачи да излезат на гласање или, пак, ќе се одлучи на бојкот.

Според генералниот секретар на партијата, предлог-одлуката за распишување на референдумот е самоволна затоа што, како што рече, наспроти воспоставената демократска практика за постигнуавње консензус за битни прашања, е донесена спротивно на волјата на опозициајта. Тој го оцени како манипулативно и незаконско референдумското прашање, посочувајќи дека тоа е двосмислено, наместо да биде јасно и еднозначно, како што предвидува члено 15 од Законот за референдум.

-Тоа е исто како, на пример, да поставиш  прашање: „дали сте за намалување на невработеноста, преку користење на криминалните шеми на Фонодот за иновации“, иронизира Јанушев.