ВМРО-ДПМНЕ го почнува работното лето од Кавадарци


По двомесечна подготовка, ВМРО-ДПМНЕ започнува со активностите околу „Работното лето“. Вкупно 1.500 работни тимови од по четири лица заминуваат во секој дел од Македонија за да им објаснуваат на граѓаните дека политиката на владата на Зоран Заев е штетна. Се бараат предвремени парламентарни избори, по можност заедно со претседателските најавени идната пролет, а ќе биде претставена и изборната програма, чија подготовка е при крај. На терен излегуваат претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателите Александар Николоски и Владо Мисајловски, пратеници, членови на Извршниот и Централниот комитет, претседатели на општински организации… Неделните активности завршуваат со голем митинг во Кавадарци, дознава „Независен весник“.

Опозицијата досега одржа три протести против Владата: по еден во Скопје, во Битола и во Струмица, а планот е сите недели до крајот на август (освен во периодот околу Илинден кога ќе се направи пауза) да се држи континуитет на улица, а потоа „Работното лето“ да биде заокружено со уште еден митинг во главниот град.

На Македонија ѝ се потребни нов тип политичари, професионални, посветени и одговорни луѓе, кои се докажале во различни области, кои остваруваат ветувања и кои нема да го изневерат народот. Ние ветуваме политичка борба со различни концепти, борба која ќе ја предводат професионалци, граѓани, следбеници на идејата, каузата за Македонија, борба која ќе нè донесе до конечно ослободување од оваа тиранија што ѝ се случува на нашата татковина. Ќе ја видите нашата програма, нашата програма ја изработуваат професионалци, луѓе кои работат во Македонија, како и луѓе што ја претставуваат нашата дијаспора“, истакна Мицкоски на протестот во Струмица.

Предвидени се средби со граѓани, но и целни групи како земјоделци, занаетчии, млади, стечајци, стопанственици… Тие состаноци ќе се користат за размена на идеи и предлози, како и барања за кои ќе се изнајдат решенија и кои потоа ќе бидат преточени во програмата „Новиот завет“. Во неа се ветува намалување на данокот на добивка за фирмите на половина, за оние кои втората половина ќе ја искористат за инвестиција и нови работни места, укинување на зголемената акциза за дизел горивата, изградба на нови болници, директна понуда за вработување на најдобрите 500 студенти секоја учебна година…

Во ВМРО-ДПМНЕ напоменуваат дека се подготвува седумгодишен план кој значи сигурен развој и економска револуција, која ќе донесе повеќе пари и повеќе инвестиции во сите области. (Г.А.)