ВМРО-ДПМНЕ го оспорува референдумот со кој се гордее


ВМРО-ДПМНЕ не го признава резултатот од референдумот. ВМРО-ДПМНЕ не ги признава овие локални избори.

Опозициската партија со ист коментар по завршувањето на локалните избори минатата година и резултатите од референдумот.

Иако ВМРО-ДПМНЕ го прогласи референдумот за неуспешен и лидерот на партијата Христијан Мицкоски упати „длабока почит“ кон граѓаните и констатираше дека народот не го скршиле ниту уцените, ниту бруталните закани, ниту списоците и малтретирањата, а сега потпретседателот на партијата Александар Николоски изјави дека партијата не го признава резултатот од референдумот.

Извршниот комитет на опозициската партија бара да се формира Анкетна комисија во Собранието која ќе ги разгледува сите неправилности и нерегуларности на денот на референдумот и разрешување на јавниот обвинител и избор на нов на предлог на опозицијата, кој требало да се позанимава со сите референдумски нерегуларности.

Партијата  поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против повеќе од 200 лица, претседатели, заменици-претседатели, членови, заменици-членови и избирачки одбори, на избирачки места во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај. Тие обвинуваат дека на референдумот биле злоупотребени над 50.000 гласа.

„За сето ова време, Јовески не мрдна со прст, чекаше и чека поднесување на претставки или кривични пријави кои потоа ги става во фиока, чекајќи да мине референдумот, оставајќи го референдумот да се одвива во иста криминална атмосфера. Денеска слушнав дека од ЈО рекоа дека наводно ‘будно ги следеле прес конференциите’ и дека ‘сѐ што ќе биде доставено ќе процесирале’. Не. Ова не е одговор кој што треба да дојде од то обвинителство и тоа не е одговор кој што го амнестира републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е истата реторика со која настапи и поранешниот лидер на партијата, а сега почесен претседател Никола Груевски по локалните избори минатата година кога СДСМ ги доби градоначалничките места во речиси сите општини.

Груевски тогаш обвини за изборна кражба и нерегуларни избори со „многу нерегуларности, индиции за поткуп на гласачи, закани и уцени од униформирани и неуниформирани лица, ‘бугарски воз’, гласачки ливчиња носени од едни во други општини, уцени врз вработени од државата администрација и огромен молк од полицијата која е учесник во изборната измама“.

Јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, презентирајќи го вчера извештајот за текот и спроведувањето на референдумот рече дека констатирале четириесет нарушувања во врска со остварувањето на правото на глас на референдумот, кои се регистрирани во текот на организирањето и спроведувањето на референдумот.

Од Јјавното обвинителство велат дека штом ќе ја добијат пријавата веднаш ќе постапуваат и дека ќе има кривични пријави доколку има индиции за сторени кривични дела во Сарај и други места.

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР која го следеше референдумот со 200 набљудувачи даде оценка дека референдумскиот ден беше мирен и добро организиран, слободата на изразување беше почитувана, процесот беше професионален, транспарентен и непристрасен.

Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и од Советот на Европа беа децидни дека иако имало одредени неправилности, тие не ја менуваат севкупната слика за референдумскиот ден. Ниту еден од набљудувачите кои учествувале во пребројувањето на гласовите не доставил извештај за полнење на кутии на некое избирачко место.

„На мојата последна прес-конференција со многу силни зборови го критикував притисокот врз државните службеници. Имав документи за ваков притисок, ако до шест часот не именувате дваесет луѓе кои ќе гласаат, ќе го изгубите работното место. За ваков притисок на овој референдум не слушнавме ниту еден навод. Жалам, но среќен сум што не слушам вакви наводи“, изјави шефот на делегацијата на ПССЕ, Штефан Шенах, во одговорот на новинарско прашање.

Најголем проблем на гласањето за референдумот, според меѓународната мисија за набљудување на референдумот е Избирачкиот список, кој сè уште не е прочистен. Тие препорачаа Владата и администрацијата конечно да се зафатат и да се фокусираат на Избирачкиот список. „Кога ќе има избори не треба да имаме вакви дискусии“, порачаа набљудувачите.

Државниот советник од канцеларијата на Народниот правобранител, Зоран Билбиловски, на брифинг со новинарите рече дека има 30.000 до 40.000 граѓани кои се избришани од Избирачки список поради разни причини.

За да се надмине оваа ситуација од Народниот правобранител апелираа до Државната изборна комисија соодветно да ги информира граѓаните кои се избришани од Избирачкиот список за постапките што треба да ги направат доколку сакаат да гласаат.

Фросина Факова – Серафиновиќ