ВМРО-ДПМНЕ: Бараме правда, а не амнестија за 27 април


ВМРО-ДПМНЕ не ја прифаќа понудата на премиерот Зоран Заев за амнестија и помирување на политичките партии за ланските насилства во Собранието. Од опозицијата велат дека „27 април“ е политички фабрикуван случај, без докази, без аргументи и дека е наменет за политички притисоци.
„Педесетина луѓе со месеци се предмет на политички прогон, со цел Зоран Заев да може да тргува со нивната слобода, а за возрат да бара поддршка на договорот со Грција за преименување на Македонија. Со месеци луѓе се држат во притвор, пратеници, уметници, обични граѓани беа жигосувани за терористи, невини луѓе станаа жртва на прогонот на Заев. Ова јасно покажува дека власта не само за 27 април, туку и за други случаи против луѓе од ВМРО-ДПМНЕ води политичка хајка само за да тргува подоцна со нивната слобода. Неморално и неетички. Ова е и порака до судскиот систем и обвинителството, дека им се суди на невини луѓе. Тоа не се терористи“, вели Генералниот секретар, Игор Јанушев.

Според него, на овие луѓе им е потребна правда, а не политички монтирани случаи. Бара Заев да им се извини на семејствата кои се под политички прогон режиран од власта.
„Само така ќе има помирување. Правдата мора да стигне и затоа бараме нова обвинителска институција која ќе ги истражи сите случаи каде има сомнеж за нарушување на законот. И која непристрасно ќе ги анализира фактите и доказите. Еве прилика на Заев да докаже дека е за вистинско помирување и за правда без условувања. Ослободете ги луѓето од политичкиот прогон, и од притворот, правда за овие луѓе со гаранција за нивната презумција на невиност“, потенцира Јанушев.