ВМРО-ДПМНЕ го затрупа со амандмани Изборниот законик. Можно ли е и вето?


Над 400 амандмани поднесе ВМРО-ДПМНЕ на измените на Изборниот законик што ги предложи владата со цел да го деблокира изборот на ДИК со намалување на потребното мнозинство за гласање за кандидатите. Тоа го соопшти опозициската партија на седницата на Комисијата за европски прашања преку која оди процедурата за донесување на законските измени кои беа доставени во парламентот со европско знаме и по скратена постапка.
Сепак, независно од бројката на поднесени амандмани, во парламентот велат дека расправата во надлежната Комисија треба да заврши за максимум два дена. Потоа, одлуката треба да ја донесе собранискиот пленум на тековната седница.
Доколку нема договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за деблокада на изборот на ДИК со важечкото мнозинство од 80 гласа и ако биде усвоено новото решение што го предложи владата, остануава отворена можноста претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише указот за прогласување на измените во Изборниот законик. Тој постапи така и со Законот за употреба на јазиците, што ВМРО-ДПМНЕ исто така го затрупа со амандмани, но по првото вето и по неговото враќање во парламентот.