ВМРО-ДПМНЕ: Вонреден Конгрес на 23-ти декември, осуди за обвиненија за тероризам


ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека на 23 декември ќе се одржи вонреден Конгрес на партијата.

Истовремено партијата ги осуди обвиненија за тероризам и притвори за партиски членови и лица поврзани со настаните од 27-ти април.

Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, објавено по состанокот на Извршниот комитет. се наведува:

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осуди политички монтираните обвиненија за тероризам и неоснованите притвори кои им беа изречени на партиски членови, уметници, актери и лица поврзани со настаните од 27-ти април.

Злоупотребата на државните институции кои под политички притисок на власта упаѓаа во домови и ставаа лисици на пратеници е акт на терор и газење на демократијата.

Извршниот комитет заклучи дека ваквото безумие од страна на СДС ја турка државата во уште подлабока криза и затоа мора да се преземат идни чекори со кои ќе се стави крај на политичкиот прогон и политичкиот реваншизам.

Согласно статутот на партијата, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одлучи да му предложи на Централниот комитет на следната седница да отпочне процедура за организирање на вонреден Конгрес на партијата на 23 декември 2017 година.