ВМРО-ДПМНЕ бара амнестија, другите не сакаат да слушнат


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека неговата партија ќе побара амнестија за обвинетите за ланските случувања во Собранието, но според реакциите вчера тешко дека ќе добие поддршка од политичките противници. Напротив, тие прилично недвосмислено порачуваат оти не може да има амнестирање за насилствата што лесно можеа да резултираати со човечки жртви. За донесување Закон за амнестија е потребно двотретинско мнозинство што во моментов е незамисливо за капацитетите на ВМРО-ДПМНЕ.

Во „белата палата“ сметаат дека казната од вкупно 81 година затвор изречена за седуммина обвинети за нападот врз лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, е флагрантно повисока во однос на слични случаи каде што се пресудуваат една или две години затвор. Притоа, се споменува и примерот со случајот „Монструм“, каде што обвинетите за убиство на петмина момчиња кај Смилковското езеро беа ослободени од затвор, при што рочишта им се закажуваат еднаш во месецот, додека за настаните од 27 април се закажуваат секој ден.

„Очигледно дека станува збор за политичка пресметка, притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, притисок врз семејствата на тие луѓе. Ова е класично политичко дело. На луѓе што го чуваа редот во немилите настани, што раздвојуваа страни да им се даде 13 години затвор не е ништо друго освен политичка пресметка. Ако од една страна имате човек што на очиглед на јавноста бара поткуп, односно премиер што ги претскажува пресудите, а од друга страна немате драконски измени за нешто што е видливо и имате извештај од ГРЕКО дека не се спроведуваат реформите во судството, тогаш работите сè повеќе од јасни. Како претседател, ќе побарам поддршка од извршниот и централниот комитет на партијата, како и од пратеничката група да се изготви закон за амнестија, кој потоа ќе го доставиме во парламентот. Да сум на местото на Села, лично ќе го поддржам“, изјави Мицкоски во интервју за „Телма“.

Но, од Алијансата на Албанците не сакаат ни да слушнат за ваквата понуда на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот лидер. Во изјава за „Независен весник“, од партијата на Зијадин Села велат дека барањето на Мицкоски го сметаат за тенденциозно, злонамерно и апсолутно непринципиелно.

„Крајно време е новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски да го сменат начинот на водење политика спрема Албанците. Треба да се оградат од осудените насилници, јавно да му се извинат на претседателот, како и на членството на партијата, а не да се трудат да ги заштитат овие насилници, кои се обидоа да го убијат лидерот Зијадин Села. Замислете каков парадокс, Мицкоски бара амнестија од Села за оние насилници што сакаа да го убијат Села. Ова е крајно несериозно“, велат од партијата.

Од таму потенцираат дека ВМРО-ДПМНЕ треба да го реафирмира сопствениот ментален политички концепт спрема Албанците, да го поддржи Законот за јазиците, да не ги кочи евроатлантските процеси и да биде конструктивна и кооперативна на заедничкиот пат кон НАТО и кон ЕУ. Бараат и да биде поддржан договорот за името со Грција, а со тоа и интеграцијата и членството во НАТО и ЕУ, оти само на таков начин ќе може некогаш овие две политички партии да соработуваат.

„Само ако насилниците се казнуваат со максимални казни, тогаш нема да се осмели некој друг да повтори такво кривично дело. Во спротивно, секогаш ќе се остава простор да се повтори таков насилен акт, во случајов обид за убиство“, дополнуваат од Алијансата на Албанците.

И социјалдемократите не му оставаат маневарски простор на Мицкоски кога е во прашање неговиот обид да добие широка поддршка за законот.

„Можеби Мицкоски сонува за амнестија, но амнестија за криминал нема да има. Расчистувањето со криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и правда за сите е државен интерес. Мицкоски да не помислува да ја кочи македонската иднина. Нема да дозволиме Македонија да се врати назад во мрачното минато на изолација, криминал, корупција и неизвесност“, порачаа од „Бихаќска“.

Затоа, пак, од Единствена Македонија на Јанко Бачев се пофалија дека одамна имаат изготвено Закон за амнестија за обвинетите од 27 април и му предложија на ВМРО-ДПМНЕ само да го преземе и да го процесуира.

Во четвртокот, скопскиот Кривичен суд ги осуди Кире Георгиевски, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов, Александар Јаневски-Тошта, Оливер Ошавковски и Николче Димитриевски на вкупна затворска казна од 81 година, затоа што, според судот, со умисла се обиделе да го убијат Села. Висината на затворските казни произлегува и од тоа што кривичното дело се случи во Собранието, врз пратеник, претставник на законодавната власт. Обвинетите, според образложението на пресудата, со самото влегување во Собранието биле свесни за она што може да се случи внатре во законодавниот дом.

Судењето за упадот во Собранието, кој во колективната меморија ќе биде запаметен како „крвавиот четврток“, е закажано за 22 август. Судијката Добрила Кацарска ќе им суди на триесетина обвинети, меѓу кои и на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, петтемина пратеници, Љубен Арнаудов, Љупчо Василевски, Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, како и други функционери и лица од јавниот живот. На обвинителна клупа ќе седне и Александар Василевски-Нинџа кој по неколку месеци бегство сам се пријави во затвор, а се товари дека по повик на неговиот брат кој го обезбедуваше поранешниот премиер Никола Груевски, од Виена, организирал најголем дел од луѓето да влезат во Собрание. По речиси една година од упадот, беше покренато обвинение против триесетина лица, но не и против нарачателот.

Горан Адамовски