ВМРО бара ОБСЕ да гарантира за изборите


ВМРО-ДПМНЕ бара ОБСЕ да го зголеми бројот на набљудувачи за време на претседателските избори во земјава, со што би се спречило евентуалното полнење кутии. Во најголемата опозициска партија стравуваат дека власта подготвува фалсификат на волјата на граѓаните особено што не се прифаќа нивното барање за предвремени парламентарни избори, кои би придонеле за засилен мониторинг на процесот. Од СДСМ, пак, порачуваат Христијан Мицкоски да не бара алиби за поразот што го чека и дека изборите ќе бидат фер, слободни и демократски како што ѝ доликува на држава – идна членка на НАТО и кандидат за влез во ЕУ.

Во ВМРО-ДПМНЕ набројуваат неколку причини поради кои се сомневаат дека СДСМ ќе се обиде со сила да го втурне во победа својот кандидат бидејќи, како што велат, и власта била свесна оти рејтингот ѝ е убедливо на страна на опозицијата.

Како прво, видовме дека тие се апсолутно комотни кога е во прашање кршењето на изборниот процес. Сетете се што се случи на референдумот за името, имавме места низ државата каде во последните два часа до затворањето на кутиите беше забележано гласање на секоја секунда, што е физички невозможно. Но полнењето на кутиите помина целосно несанкционирано, затоа што Обвинителството, кое е под директна команда на власта, воопшто не отвори истрага. Второ, деновиве сме сведоци на еден куп огласи за вработување во државната администрација, 700 вработувања во градските претпријатија, сега 200 во Општина Аеродром, стотина во Царина, па во министерствата… Секаде се вработува, и тоа во пресрет на изборите, што претставува кршење на правилата за фер и демократски процес. Трето, политичкиот притисок кон неистомислениците на власта продолжува со несмален интензитет, а последен пример е случајот со пратеникот Љупчо Димовски, кому повторно му се закануваат со притвор и судење само затоа што не гласаше за уставните измени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, сеедно е дали кавгата меѓу коалициските партнери во Владата е фингирана или не бидејќи тоа немало да влијае врз регуларноста на изборите.

Полицијата е алатка на Оливер Спасовски, таа работи по негов налог. Уште ако и тој биде кандидат за претседател од редовите на СДСМ…“, коментираат во белата палата.

Сомневањата дека премиерот Зоран Заев и неговите соработници подготвуваат изборна кражба беа тема што Мицкоски редовно ја споменуваше при неговите средби деновиве со првите луѓе на Европската народна партија во Брисел. Лидерот на опозицијата им се пожали на претседателот на ЕПП, Жозеф Дол и на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, при што побарал да биде обезбедено силно присуство на странски набљудувачи.

Не гледам причина изборите да не бидат коректни, но мислам дека мора и владата и ДИК да направат сè изборите да бидат регуларни и одраз на демократска и толерантна атмосфера“, изјави Вајгл.

Сличен настап имаше и потпретседателот Александар Николоски, кој завчера во Вашингтон оствари билатерална средба со раководството на Националниот демократски институт (НДИ), како и со конгресменот Роберт Аделхорт, кој е потпретседател на ОБСЕ.

Од Аделхорт побарав да се заложи во ОБСЕ да се испрати силна мониторинг-мисија за следните избори со цел да се спречат неправилности и полнење кутии. Побарав одржувањето кредибилни и демократски избори да биде услов за членство во НАТО и почнување на преговорите со ЕУ“, соопшти вториот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ реагираат дека додека Македонија го добива своето столче во НАТО, Мицкоски продолжува со деструкции и манипулации.

Очаен е што не успеа да ја закочи иднината во НАТО и ЕУ. Тој лаже и дома и во Брисел, но нема да го намали успехот на Македонија. Наместо да шири лаги, Мицкоски нека се спрема за пораз на претседателските избори“, одговараат на „Бихаќска“.

Горан Адамовски