Вмровските пратеници – и на цена и под закани
Меѓу 48 члена на пратеничката група на коалицијата „За подобра Македонија“, според собраниски извори, има барем десетина – и од ВМРО-ДПМНЕ и од помалите партии – кои се расположени да гласаат за уставните измени што треба да следат по референдумот. Но во деновите пред и по референдумот, наводно, тие им се пожалиле на свои колеги од владејачкиот табор дека се под силен притисок и закани од вмровското членство, но и од партиското раководство да не учествуваат во понатамошното спроведување на договорот со Грција. Притисоците, како што се наведува, особено се засилиле по референдумот, чии резултати не ги исполнија очекувањата дека одѕивот ќе стигне барем до 40 проценти, како услов што е поставен за претседателски избори.
Според нашите информации, поради стравувањата на пратениците од „одмазда“, пред референдумот се разгледувало сценарио за тајно гласање за уставните измени. Меѓутоа, се проценило дека во таков случај салата може да ја напуштат другите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, така што би било повторно јасно кој учествувал во пристапувањето кон промена на Уставот.
Како своевиден притисок и закана врз пратениците се толкува и предупредувањето од Единствена Македонија на Јанко Бачев, која беше на браникот на кампањата „Бојкотирам“. Од Единствена Македонија им се обратија на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со порака дека немаат мандат од македонскиот народ за негово обезличување и дека спорот за името не е прашање на една пратеничка група или на една партија, туку на македонскиот народ.
„Единствена Македонија располага со сознанија дека доколку кој било од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се согласи на промена на Уставот и бришење на вековното македонско име, нема да успее да стигне ниту до државната граница при нивниот обид за бегство“, се наведува во партиското соопштение.
Бачев вели: „Во игра биле и по два милиони евра по пратеник оти нема такви пари со кои може да се купи светото македонско име“.
Соговорници од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, пак, потврдуваат дека во периодот пред референдумот во пратеничката група имало поединци, и тоа експонирани политичари, кои биле расположени да ги поддржат уставните измени. Меѓу нив, наводно, имало и пратеници кои не застанаа зад изборот на Христијан Мицкоски за лидер на партијата. Но, како што велат во ВМРО-ДПМНЕ, сега веќе никој не размислува во таа насока, затоа што референдумските резултати ги ослабнаа позициите на владејачката постава за преговори за соработка за уставните измени. Како потврда за тоа се посочуваат пратениците Даниела Рангелова и Драган Данев, координатор на пратеничката група кои, и покрај информациите дека излегле на гласање на 30 септември, се изјаснија дека нема да гласаат за уставни измени.
ВМРО-ДПМНЕ го достави вчера до парламентот предлогот за формирање анкетна комисија за нерегуларности на референдумот, како еден од условите што ги постави Мицкоски за евентуални избори, покрај барањето за јавен обвинител предложен од опозицијата и за избор на „пржинска влада“ сто дена пред изборите. Од владејачкиот табор ги оценуваат ваквите условувања како нов обид да се издејствува амнестија – главно за случаите што произлегоа од прислушувањето. Овие барања на ВМРО-ДПМНЕ се неприфатливи засега за СДСМ, од каде што најавија брзи избори на 25 ноември, доколку не се обезбеди соработка за донесување на уставните измени, така што е јасно дека ќе нема време за техничка влада 100 дена пред изборите.
Соговорници од раководството на ВМРО-ДПМНЕ велат дека партијата планира да учествува на изборите, независно дали ќе ѝ бидат исполнети поставените услови. Од друга страна, информациите говорат дека за излегување на избори не се расположени дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои не гледаат шанса повторно да бидат во добитните комбинации на кандидатските листи. Но има шпекулации дека на пратениците што сакале да го поддржат референдумот веќе им се ветени места на листите за да не помислат да гласаат за уставни измени.
Од раководството на ВМРО-ДПМНЕ велат дека блиц-сондажите на јавното мислење што ги правеле во последните денови укажуваат дека опозициската партија има реални шанси за изборна победа. Од друга страна, прашање е со која албанска партија би можела да коалицира ВМРО-ДПМНЕ по изборите.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, некогаш верен соработник со ВМРО-ДПМНЕ, а сега партнер на СДСМ, изјави деновиве дека веќе нема партија во албанскиот блок што би коалицирала со вмровците.
„Политиката на тврдоглавост на ВМРО-ДПМНЕ не оди во прилог на интегрирање на Македонија во НАТО и во ЕУ. Со оваа политика повторно се комплицираат меѓуетничките односи во земјата, што е опасно. Во ВМРО-ДПМНЕ не им е јасно дека доаѓаат во ситуација ниту една политичка партија на Албанците во Македонија да не влегува во коалиција со нив и да победат на избори“, изјави Тачи во дебатната емисија на албанската телевизија АБЦ, посветена на референдумот во Македонија.
За синоќа беа закажани седници на највисоките форуми и на СДСМ (извршниот одбор) и на ВМРО-ДПМНЕ (извршниот комитет), каде што ќе се разговара паралелно за следните чекори. Идејата на владејачката гарнитура, пак, е да оди на избори за да обезбеди поголема поддршка за донесување на уставните амандмани што произлегуваат од договорот со Грција. Сепак, со оглед на тоа што нема гаранција дека преку избори ќе се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот, од СДСМ оставаат уште простор за договор за поддршка на уставните амандмани во актуелниот собраниски состав. (А.М.М. – Г.А.)