Влезот во НАТО поплочен со руска калдрма


Премиерот Зоран Заев вчера ѝ порача на Русија дека треба да биде свесна оти нема алтернатива за Република Македонија освен полноправно членство во Европската Унија и НАТО. Со тоа продолжија препукувањата околу тоа дали руски и грчки бизнисмени со врски во Москва работат на кршење на договорот за името и оставање на нашата земја надвор од евроатлантските текови.

Македонската влада не само што сака да ја потврди соработката со Руската Федерација, туку сака и да ја унапреди. Ние остануваме да блескаме во аспектот на градење на пријателството со сите. Ние сме мала земја со пријатели, без непријателства. Тоа го докажавме со соседите, тоа го правиме насекаде во ЕУ со земјите-членки во НАТО, сакаме да го правиме и со сите земји во светот“, нагласи премиерот.

Во Министерството за внатрешни работи велат дека истрагите по обвинувањата дека македонски државјани добивале и по дваесетина илјади евра за да предизвикаат насилства во Скопје нема да ги водат преку медиумите. Од Истражувачката лабораторија на Македонија, партнер на Проектот за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП-OCCRP), тврдат дека откриле најмалку еден извор преку кој се вршело плаќањето. Тоа е Иван Савидис, Русин роден во Грузија, кој сега е сопственик на фудбалскиот клуб ПАОК од Солун. Јавноста подобро се запозна со него пред четири месеци кога со пиштол излезе на терен додека привршуваше мечот со АЕК и му се закануваше на судијата затоа што поништи погодок на неговиот тим. Тој е сопственик на тутунската компанија „Донској табак“, како и на еден куп други бизниси во Солун. Неговото богатство се проценува на две милијарди долари. Поранешен пратеник е во руското собрание како член на Единствена Русија. ОЦЦРП тврди дека тој им исплатил најмалку 300.000 евра на десетина македонски политичари, членови на радикални националистички организации и навивачи на фудбалскиот клуб Вардар. Наводно, Савидис ги префрлал парите во Македонија во серија плаќања. Дел од парите биле префрлени во готовина и пренесени преку граница на рака, а биле користени и други методи.

Групацијата од компании на Савидис ги демантираше ваквите информации, отфрли секаква вмешаност во протестите во Македонија и најавува тужби против авторите и медиумите што го споменуваат неговото име.

Јасно ставаме до знаење дека бизнисменот Иван Савидис нема никаква врска или вмешаност со она што се споменува во апсолутно невистинитиот и крајно клеветнички текст. Затоа, веќе во следните часови, искористувајќи ги сите правни средства што ни се на располагање, ќе поднесеме тужба против медиумот, како и до авторите на оваа неоснована објава“, пишува во соопштението.

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, не сака да се вклучува во коментари околу вистинитоста на тврдењата за поврзаноста на Савидис, како и на други бизнисмени со случувањата во Македонија. Тој вели дека не видел такви документи, а ги немаше ниту во медиумите, па не знае дали се точни, но факт е оти Русија има долгорочен интерес да ја оспорува евроатлантската интеграција на балканските држави.

Долги години го прават тоа, ама го засилија после 2014 година, по анексијата на Крим и жестоката реакција на западните земји кои воведоа санкции. И Русија воведе контрасанкции, но таа не доволно силна економски, па бара други начини да ја разбие кохезијата во ЕУ и во НАТО, па и во поедини земји. Од друга страна, битно им е овие земји од Западен Балкан што сакаат да влезат во ЕУ да не го сторат тоа. Европскиот производ е атрактивен, нуди благосостојба, повисок стандард на животот, средено здравство и образование, па ако успеат да ги спречат земјите да влегуваат таму, можат да речат ‘ете, никој не сака таму, дури и излегуваат како Велика Британија’. Користат разни пропаганди, лажни вести преку нивните медиуми, ќе начекаат нешто лошо на Запад и после ќе го користат за да се види што навистина се случува во ЕУ или САД“, анализира Пендаровски.

Тој смета дека прва задача на Русија е да биде глобален партнер на САД, па сите работи во светот да се решаваат меѓу Вашингтон и Москва, како што тоа било некогаш со западниот и источниот блок. Интересно е, вели професорот, што Русија не дава друга алтернатива за ЕУ и НАТО, таа не им нуди на другите земји да влезат во некаков сојуз или унија, туку важно им е само да го разбијат Западот.

Кога е во прашање Македонија, наоѓаат погодна почва, пред сè затоа што играат на линија на православието. Западот е претставен како заштитник на Албанците, во стилот – им дадоа втора држава, ќе им дадат и трета, во 2001 година ни го сменија Уставот, а Русите ни се блиски по секоја основа и се наши заштитници, така што изборот е Исток или Запад. Во таа смисла, ВМРО се потрадиционални и ги застапуваат интересите на православието, додека во СДСМ се наследници на Комунистичката партија и се атеисти. Затоа е добро што двете големи партии се изјаснија дека се за ЕУ и за НАТО, иако секако дека не можат да го контролираат сето свое членство. Од тие причини, Русија сега се обидува да формира нови политички партии, за почеток мали и маргинални, но факт е дека првпат имаме јавно декларирани проруски партии, а првпат имавме и руско знаме пред парламентот. Очекувам руското влијание да биде засилено и во пресрет на следните два чекора од процесот за ратификација на договорот со Грција, односно членството во НАТО: референдумот и потребните уставни промени во Собранието“, заклучува Пендаровски.

Новото влошување на односите со Русија следува откако премиерот Заев рече оти дел од приведените „комити“ по насилствата пред парламентот признале оти биле платени со руски пари. Руската амбасада во Скопје одговори: „Ваквите паушални изјави, како и неодамнешните наводи од страна на министерот за одбрана Радмила Шекеринска, имаат за цел ширење на русофобијата, која што преку западните партнери на Македонија сè почесто се прифаќа како алатка за постигнување сопствени внатрешни и надворешно политички цели“.

Ваквите изјави ја доведуваат во прашање искреноста на заложбите на Владата на Република Македонија за градење пријателски односи со Руската Федерација“, наведуваат од Амбасадата.

Претходно, Македонија протера руски дипломат како солидализирање со Велика Британија во случајот „Скрипал“, како и поради тоа што ги пречекорил своите овластување, Москва се закани со реципротет, нè предупреди да не влегуваме во НАТО, а рускиот амбасадор се закани дека во случај на војна со НАТО стануваме легитимна цел.

Паралелно и во Грција се случува дипломатска пресметка откако властите во Атина протераа двајца руски дипломати, а на други двајца не им дозволија влез во земјата поради обиди да го поткопаат договорот за името и да ја спречат Македонија да стане дел од НАТО.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски (од собирот за поддршка на протераниот руски дипломат од земјава)