Влатко Ѓорчев меѓу вмровските фаворити за претседател


Заедно со семејството меѓу бадникарите пред Соборниот храм во Скопје, а потоа на божикна турнеја во Тетово, Гостивар, Маврово, Бигорски, Велес, Удово, Валандово и Струмица. Пораки за спокој и благосостојба до верниците, а во меѓувреме средба со лидерот Шабан Салиу – претседател на Демократските сили на Ромите, интервјуа за албанските медиуми со акцент на лошата економска состојба во која подеднакво се наоѓаат и Македонците и Албанците и нагласена активност во партиските штабови на ВМРО-ДПМНЕ.

Вака пратеникот Влатко Ѓорчев ја започна новата година во која нè очекуваат претседателски избори. Тој во август лани наполни 40 години, со што го исполнува законскиот минимум за кандидирање за претседателски кандидат, поради што во вмровските кругови наголемо се зборува дека е еден од фаворитите во внатрепартиската трка за потенцијален наследник на Ѓорѓе Иванов, кому напролет му завршува мандатот.

Ѓорчев во моментов не сака да зборува за претседателските избори објаснувајќи оти во државава се случува важниот процес за промена на уставното име, со кој не се согласува. Ќе ја почитува одлука на раководството да не се учествува во собраниската расправа.

Тој е пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година. Кратко време лани, по доаѓањето на Христијан Мицкоски на чело на партијата, беше координатор на пратеничката група. За време на владеењето на Никола Груевски со ВМРО-ДПМНЕ и со државата главно беше носител на избирачките листи, но никогаш не беше поставен на некоја раководна функција. Јавноста го запозна за време на средношколските протести во 1997 година кога беше еден од најактивните демонстранти.

Беше еден од ретките пратеници од власта што реагираа со ладна глава за време на случувањата на 27 април 2017 година, кога им спасуваше живот на тогашните опозиционери, поради што ја има почитта од актуелната власт, како и од странските дипломати.

Сепак, извори од партијата коментираат дека сè уште се испитува теренот, па рано е да се избрзува со имиња. Потенцираат оти јавниот оглас за кандидати за претседателските избори е отворен од минатата недела и трае до 31 јануари. Веднаш потоа ќе бидат отворени пликовите, а кандидатите ќе имаат рок од две недели да ја претстават својата програма пред општинските комитети. Фаворитот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде избран на конвенцијата закажана за 16 февруари во Скопје.

Досега, како кандидати на опозицијата се споменуваат Трајко Славески, Тања Каракамишева, Ганка Цветанова, Зоран Ставрески… Не се отфрла идејата да се одбере дури и непартиски кандидат, кој ќе биде способен да собере и дел од неутралните гласачи.

Горан Адамовски