Власта и опозицијата се усогласија околу Законот за спречување корупција


Постигната е согласност меѓу владеачкото мнозинство и опозицијата околу Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси. СДСМ прифати 20 од 40 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката од СДСМ и коалицијата, Снежана Калеска – Ванчева истакна дека останале доследни во одбраната на европските стандарди за воспоставување ефикасни механизми за спречување и борба против корупцијата.

– Од 40 амандмани кои беа доставени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, најдовме согласност за 20 амандмани коишто се во функција на зајакнување на текстот на одредени одредби и истите заеднички ги поднесовме. СДСМ од почетокот остана доследна за зајакнување и проширена надлежност на Државната комисија за спречување на корупција, и од оваа заложба не отстапивме. Прашањата за директен увид во сметките на носителите на јавни функции, е затворено. ДКСК ќе има право до директен пристап до банкарските сметки, но и во над 60 други бази на податоци. Не се дозволи воспоставување на паралелен систем, односно орган коишто беше предлог од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, преку барањето за формирање на национален совет, рече Калеска – Ванчева.

Пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочи дека прифаќањето на амандманите е показател дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да блокира вакви битни процеси, туку дека има сериозен пристап да дејствува за подобрување на сите процеси кои се одвиваат во општеството.

– Драго ни е што владејачкото мнозинство го послуша нашиот апел и беа земени во предвид нашите амандмани се со цел да се донесе што е можно поквалитетен закон за формирање на Државна комисија за спречување на корупција и судир на интереси. Задоволни сме што владејачкото мнозинство конечно сфати дека на Република Македонија и е потребна квалитетна и пред се професионална антикорупциска комисија што ќе работи сериозно и без било какви политички влијанија, потенцира Лашкоска.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за телевизија „Телма“ истакна дека се надева оти Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, за кој се дебатира во Собранието, ќе донесе малку свеж воздух во борбата против корупцијата, бидејќи, како што посочи, Антикорупциската комисија е многу важна, треба да ја добие моќта и овластувањата кои и следуваат, да добие ресурси и експерти кои ќе се занимаваат со имотот на политичарите и ќе истражат доколку некои политичари се побогати од тоа што реално заработуваат.

– Мислам дека таа комисија е многу важна, не функционира веќе многу месеци и навистина со нетрпение чекаме овој закон да стапи на сила и новата комисија да почне со работа колку што може порано. Значи ова едно поле каде што можеби ќе видиме поголема борба против корупцијата, против јавните функционери и политичарите. И се разбира, Специјалното обвинителство и Јавното обвинителство треба повеќе да се  фокусираат на борбата против корупцијата кај политичарите без оглед од која партија доаѓаат од власта или од опозицијата, рече Жбогар.

Во меѓувреме, претседателот на Собранието, Талат Џафери за утре во 16 часот го закажа продолжението на 80-тата седница на која ќе се расправа за Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси во скратена постапка, со европско знаменце. За дискусија се пријавени неколку пратеници.