Влада на РМ: Иванов упати пораки за натамошни делби


Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов требаше прв да го препознае очекувањето на граѓаните, политичките елити и лидерите да се издигнат над партиските бои и да исчекорат од политичка доктрина на делби, кон јасни политики за обединување, место во својот говор да упати пораки за натамошни делби, реагираат од Владата на РМ на неговото денешно годишно обраќање во македонското Собрание.

– Наместо да настапи државнички, денеска Ѓорѓе Иванов кон граѓаните упати пораки кои повикуваат на натамошни делби и кои дополнително се спротивставуваат на концептите за градење на едно, единствено и заедничко општество, се вели во соопштението.

Наместо општество на заедништво и на обединување во еден историски и клучен момент за Република Македонија, истакнуваат од Владата, Иванов се обидел да го доведе во прашање дигнитетот на институциите на системот со тоа што владеењето на правото и принципот на одговорност на сите без исклучок, пред правдата, го изедначил со реваншизам,

Владата, додаваат оттаму, доследна на јасниот повик за отворена соработка, во период кога сите политички субјекти и секој политички лидер се повикани да го препознаат моментот што ќе ја одвои нашата земја од изолацијата, ќе продолжи уште посилно да дејствува за стратешки интереси на државата – просперитетна земја за граѓаните и земја членка на ЕУ и НАТО.

– Владата на Република Македонија се определи да направи сè пред Европа и светот да покаже дека Република Македонија е земја на граѓани и политички лидери кои имаат сериозен демократски капацитет, земја која ги оставила делбите и минатото зад себе и која е свртена кон обезбедување благосостојба на своите граѓани, се посочува во соопштението.

Од Владата укажуваат дека Владата од првиот ден од својот мандат, и постојано во текот на овие шест месеци, повикувала на обединување околу стратешките интереси на Република Македонија, како и во име на интересите на сите граѓани, без исклучок.