Владата ќе го разгледува извештајот за работа од Агенцијата за филм


На денешната редовна седница на Владата ќе се разгледува и полугодишниот извештај од работењето на Агенцијата за филм.

На владината седница, Министерството за култура ќе презентира и информација за потребата од основање нова национална установа „Гостиварски театар“ – Гостивар.

Владата ќе расправа и одлучува и за информации, договори, закони и извештаи од други области, како економија, здравство и образование.

Ќе се разгледува и информација за Акцискиот план за Регионална економска област и за формирање Координативно тело за градење и спроведување на Регионалната економска област во Западен Балкан, со предлог–одлука и предлог–решение за планот.

Министерството за економија пред министрите ќе го презентира извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Договорот за економска соработка помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, а Министерството за здравство ќе информира за извршените преговори за склучување на План за соработка помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Министерството за здравство на Република Бугарија, најави владината прес-служба.

На седницата треба да се разгледаат и информацијата за можноста за вршење периодични здравствени прегледи од здравствени работници ангажирани од Министерство за здравство на корисниците во Дневните центри за деца и лица со пречки во развојот и Предлог-законот за дополнување на Законот за ученичкиот стандард.