Владата чека, невладините се радикализираат за „Иловица – Штука“


Владата тврди дека не ги игнорира барањата на граѓаните што протестираат против отворањето на рудникот „Иловица – Штука“, туку учествува во процесот на изнаоѓање заедничко решение. Невладините, пак, најавуваат радикализација на активностите.

„Владата е во постојана комуникација со сите засегнати страни, вклучително и со инвеститорот и со граѓаните од регионот. На последната средба се утврдија сите наредни чекори. Ништо нема да се одлучи за рудникот ‘Иловица’ без да се постигне заедничка согласност на сите засегнати страни. Во моментов се работи на тој процес. Владата на РМ нема да направи ништо на штета на граѓаните на РМ“, изјави вчера владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Граѓаните што се против отворањето на рудникот се веќе нестрпливи и тоа го покажаа со 15 минутна блокада на магистралниот пат од Радовиш кон Бугарија на 10 ноември.

„Не ни дозволија да направиме двочасовна блокада, како што најавивме. Факт е дека целиот проблем е закочен. По две години чекање, ќе почнеме да преземаме правни чекори, а блокадите ќе ги радикализираме. Компанијата ‘Еуромакс’ купува време. Нема да и дозволиме тоа да оди во нејзина полза, затоа што нашите и животите на нашите деца се во залог“, велат од „Здрава котлина“ најавувајќи заеднички акции со други невладини здруженија, кои исто така се активираат по одлуките на Уставниот суд со кои паднаа референдумите против отворањето рудници во повеќе општини во Југоисточна Македонија.

Став на противниците на отворање на рудникот „Иловица – Штука“ е дека проблемот мора итно да се реши. Објаснуваат дека немаат намера да и дозволат на бескрупулозна компанија, чија единствена цел е профит, да ги исели од домовите. Бараат Владата итно да ѝ ја одземе концесијата на компанијата „Еуромакс рисорсис“ и пратениците да ги изгласаат предложените измени во Законот за металични и минерални суровини.

Компанијата „Еуромакс рисорсис“ постојано уверува дека рудникот нема да загадува и ќе значи придонес во македонската економија.

Последните истражувања покажуваат дека државата добива трошки од експлоатацијата на рудните богатства. Дванаесет концесионери преработуваат руда во вредност од околу 180 милиони евра. Државата како надоместок за концесија добила околу 5 милиони евра или помалу од 3 проценти, а 38 отсто им останале на компаниите како профит, односно околу 70 милиони евра евра.

Овие 12 концесионери, пак, вработуваат вкупно 2.175 луѓе. Додадената вредност што ја создаваат изнесува 108 милиони евра а уделот на активните рудници за метални суровини во вкупниот бруто-домашен производ е само 1,3 отсто.

(А.С.)