Владата утврди годишна програма за членство во НАТО


Владата на Македонија, на денешната седница, усвои предлог закон за ратификација на Истанбулската конвенција, утврди предлог – текст на Годишната национална програма на Република Македонија за членство во НАТО и одлучи да испрати хуманитарна помош на Албанија.

Како што соопшти владината прес-служба, Владата го разгледа и утврди и предлог – текстот на годишната национална програма на Македонија за членство во НАТО за 2017-2018 година, како документ отворен за натамошна надградба. На седницата е донесена одлука делегацијата на Македонија да ја претстави оваа годишна програма пред Комитетот на заменици постојани претставници на земјите членки во Алијансата, на состанокот закажан за 11 декември 2017 година во Брисел. Со тоа официјално ќе почне 18. циклус на Акциониот план за членство во НАТО

Владата ја разгледа информацијата од македонската амбасада во Тирана за состојбите во Албанија по големите поплави. Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за надворешни работи и другите надлежни институции добија задолжение, во рок од три дена, да достават предлог решение за испраќање хуманитарна помош кон регионите во Албанија кои се зафатени со поплавите.

Усвоен е и предлог законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, позната како Истанбулската конвенција, со што се создавааат услови за еден поширок и посеопфатен пристап во борбата против насилството.

Министрите ја своија информацијата за реконструкција на железничката пруга Куманово – Бељаковце од железничкиот коридор 8, со што се задолжува ЈП „Македонски железници“ веднаш да пристапи кон формирање единица за реализација на проектот и на акциски план во кој ќе бидат наведени сите активности кои треба да се преземат за надминување на проблемите со утврдена динамика.