Владата се премисли – АЦВ не влегува во зградата карши МНР


Се полни новата зграда за државна администрација карши Министерството за надворешни работи. Службата за општи и заеднички работи на Владата веќе е преселена во новите простории. Таму ќе бидат сместени и Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање. И за Министерството за животна средина и просторно планирање, одвоени се простории. Извиси само Агенцијата за цивилно воздухопловство. Иако вработените во регулаторната Агенција за воздухопловство откако почна изградбата на зградата чекаат да влезат во новите простории, сега за нив таму нема место.

Од Владата нѐ препратија да прашаме во Службата за општи и заеднички работи (СОЗР). Таму, пак, потврдија дека има одлука на Владата кои институции ќе одат во новата зграда.

„Преселбата почна. Точно е дека на 7. и 8. кат ќе влезе Министерството за животна средина. За нив се определени и 2.,3. и 4. кат. Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе оди на 12. кат во зградата на Македонската радио-телевизија. Не прашувајте ме мене зошто, тоа е одлука на Владата. Јас само извршувам“, ни изјави вчера директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски, додавајќи дека Министерството ќе се пресели откако ќе обезбеди мебел за просториите.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство велат дека уште не добиле никакаква одлука.

„Доколку така одлучиле, не губи Агенцијата туку Владата бидејќи во една од нашите простории требаше да се смести Европската агенција за безбедност во воздушниот сообраќај (ЕАСА), иако сѐ уште не сме земја членка на ЕУ. Исто така се губи можноста за продлабочување на соработката и со Сингапурската агенција за воздухопловство која по последната сондажа во февруари годинава искажа намера за формирање тренинг-организација во рамки на Агенцијата за цивилно воздухопловство. Агенцијата останува доследна за надградување на вредностите во цивилното воздухопловство согласно со стандардите на ОН и Европската комисија“, ни изјави директорот на Агенцијата Горан Јандреоски.

Анита Салтировска