Владата се комплетира, „Алијансата за Албанците“ се декомплетира?


Според неофицијални партиски извори, местото заменик-министер за образование и наука ќе му припадне на кадар на Демократската унија за интеграција. Имено, истите извори потврдуваат дека на заменичкото место во образование и наука ќе седне поранешниот министер за евроинтеграции, Арбр Адеми. Освен Адеми, во трка за ова место е и професорот Фати Исени, но од ДУИ сѐуште официјално не се изјаснуваат околу споменатите имиња.

Дека работите ќе течат во овој правец потврдува и изјавата на пратеникот на ДУИ, Артан Груби. Одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата „Патот понатаму на Република Македонија“, Груби истакна дека според ДУИ затворени се сите прашања што се однесуваат до составот на Владата.

„Ситуацијата е решена, парламентарното мнозинство е стабилно со и без партијата на Зијадин Села“, изјави Артан Груби.

Како што се предвидуваше и се наѕираше, дека коалицијата „Алијансата за Албанците“ ќе остане со празни раце и многу веројатно надвор од владиниот кабинет на Зоран Заев, потврди и Груби. За Груби барањата на „Алијансата за Албанците“ и нивниот лидер Зијадин Села се надвор од владината програма и, според него, понуденото место за коалицијата „Алијанса за Албанците“ да ги предводи реформите по сѐ изгледа ќе биде одбиено на наредната средба која Села ќе ја има со премиерот Зоран Заев.

Лидерот на „Алијансата на Албанците“, пак, во Македонија се очекува да се врати денес, а средбата со премиерот Заев, според најавите, ќе се случи утре. Како што брифираат од „Алијансата“, откако првиот човек на Владата, Зоран Заев, и официјално ќе им го соопшти името на нивниот кандидат за ресорот „здравство“, „Алијансата за Албанците“ понатаму ќе одлучи дали ќе продолжи да биде дел од Владата или не. Но, тука се раѓаат контрадикторни ставови на Села со Мемеди. Весел Мемеди во последната своја изјава демантира дека преминал во партијата на Али Ахмети. Тој на новинарско прашање, дали би останал во владата на Заев доколку во неа нема претставници на неговата партија, односно на НДП, одговори дека сѐ додека владата на Заев има карактер на реформска влада, истата ќе ја поддржи без разлика дали ќе биде дел од неа или не.

„Мислам дека мандатарот многу јасно кажа дека реконструкција на Владата нема да има, туку само ќе бидат пополнети празните места во владиниот кабинет. Сѐ додека владата на Заев е реформаторска влада, никогаш нема да ми падне на памет истата да не ја гласам или да ја условувам, без разлика дали ќе учествуваме со наши претставници во таа влада. Не е ниту малку важно дали Весел Мемеди е дел од Владата или не“, изјави лидерот на НДП Весел Мемеди.

Но, последните неколку изјави на лидерот на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села, каде што тој тврди дека доколку ресорите здравство и локална самоуправа не ги води нивен кадар, тогаш премиерот Заев ќе покаже несериозност кон нив, покажуваат дека тој се движи кон излегување од владиниот кабинет. Тој од САД за „Алсат“ во овој контекст изјави дека коалицијата во која е дел и неговата партија со голема професионалност ги вршела функциите во здравство и локална самоуправа и не гледа причина зошто истите позиции да им бидат одземени, но не обелодени јасно доколку тоа сценарио се реализира, дали ќе остане во Владата.

Според простата математика, доколку „Алијансата за Албанците“ се реши да излезе од Владата, СДСМ со ДУИ и партијата на Весел Мемеди, НДП, ќе имаат 60 пратеници. Но, се поголема е веројатноста премиерот Заев во следните денови да иницира средба и со ДПА и нивниот лидер Мендух Таџи за да им достави понуда за приклучување во владиниот кабинет, со цел зацврстување на парламентарното мнозинство. Со двата пратеника на ДПА бројката би се зголемило на 62, со што ќе се постигне мнозинство во парламентот.

По неколку пропаднати најави за конечно ставање крај на прашањата околу празните места и комплетирање на владиниот кабинет, се очекува премиерот Заев да ги земе работите во свои раце и до крајот на оваа недела, по три месеци, конечно Македонија да добие комплетен владин состав.

Блерим Исмаили