Владата потврди дека ОТА ја менува УБК


Владата на Република Македонија на вечерашната седница одлучи да го достави до Собранието предлог законот за реформите во безбедносните и разузнавачки служби според приоритети во извештајот на европскиот експерт Рајнхарт Прибе. Со него се предвидува формирање на Оперативно – техничка агенција која добива екслузивитет да ги прислушува граѓаните преку мобилните оператори. Со Законот, како што соопштија од „Илинденска“, се уредува основањето на ОТА, надлежностите, раководењето, правата и обврските од работен однос на работниците во агенцијата, и стручниот надзор што Оперативно-техничката агенција го врши над работата на операторите и нејзиното финансирање.

„На седницата е утврден и Предлог – закон за изменување и дополнувања на Законот за електронските комуникации, со кој се врши реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, а со тоа и унапредување на законските решенија со цел нивна соодветна практична имплементација. Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за електронските комуникации се заснова врз начелото за заштита на моралниот интегритет и почитување на човековите слободи и права утврдени со устав, закон и ратификувани меѓународни договори“, тврдат од Владата.

Експерите веќе се пожалија дека законските измени биле донесени во рекордно кусо време без воопшто да бидат слушнати нивните забелешки и стравуваат дека и натаму ќе има злоупотреби со прислишуваните разговори.

Покрај тоа, Владата го утврди и Предлог – законот за дополнување на Законот за класифицирани информации, кој овозможува постапката за безбедносна проверка од трет степен за лицата назначени во надзорните тела кои вршат надзор над спроведувањето на мерките, како и за ангажираните акредитирани национални и меѓународни технички експерти, да трае еден месец од денот на поднесување на барањето.

На вечерашната седница беше усвоена годинешната програма на МРТ со забелешки за професионалноста за настаните од 27 април.