Владата може да го повлече Законикот ако ВМРО-ДПМНЕ ја деблокира ДИК


Има расположение кај владата да ги повлече од собраниска процедура измените во Изборниот законик што ги поднесе денеска, доколку ВМРО-ДПМНЕ се согласи да го деблокира изборот на ДИК според важечката регулатива што беше донесена пред околу два месеци, најавуваат владини извори.

Од утрешната лидерска средба најмногу зависи дали ќе продолжи процедурата за донесување на законските измени со кои мнозинството за избор на ДИК се симнува на 61 наместо на 80 гласа. Од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ кои се повикани на лидерската средба се очекува да се изјаснат дали ќе го деблокираат изборот на ДИК, кој, според сѐ уште важечката регулатива оди прво преку Комисијата за избори и именувања што ја предводи Илија Димовски, а која треба да направи селекција на седуммина од 41 пријавен кандидат на конкурсот што го распиша Собранието. Димовски, пред извесно време, изјави дека целата процедура околу изборот на ДИК би можела да заврши за три дена, доколку има согласност меѓу партиите.

Парламентот попладнево, со 63 гласа „за“ ја утврди потребата од донесување на измените на Изборниот законик по скратена постапка и според европските директиви. Но, собранискиот пленум не успеа сѐ уште да го утврди дневниот ред на седницата што почнува денес, главно, поради постојани предлози за интервенции од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски попладнево исто така остави простор за постигнување договор за ДИК на лидерската средба.

– Се разбира оставаме можност и се надеваме дека опозицијата на најавената лидерска средба во текот на утрешниот ден ќе покаже волја,конструктивност и ќе се надмине себеси во нејзиното политичко однесување. И дека ќе заземе поинаков став – против блокади, а за поддршка на стратешките цели на граѓаните на Македонија, рече Бошњаковски.