Вкупно 110 лекари заминале од државата за само четири месеци


Во првите четири месеци од годинава 110 лекари побарале потврда за нивниот статус од Лекарската комора, што безмалку е колку потврдите што Комората ги издала за цела 2017 година, кога тој број бил 120.

Овие потврди лекарите најчесто ги користат за да заминат на работа во странство, мал дел и за едукација надвор. Но, бројот на лекари што одат да студираат во други држави а потоа се враќаат во Македонија, е драстично намален.

Податоците од Лекарската Комора покажуваат дека за само три години, се удвоил бројот на докторите кои побарале потврда за во странство: во 2010 година комората издала 72 потврди, а во 2013 година – 157 потврди. Егзодусот почнал во 2011 година, и досега најизразен бил во 2015 и 2016 година, со 171, односно 172 издадени потврди.

За да се спречи одливот, Лекарската комора му предложила на Министерството за здравство да има можност, на младите специјализанти освен лиценца, да им се понуди и работа во местата во внатрешноста каде тие живеат.

-Сметаме дека младите лекари ќе се задржат во земјава, бидејќи ќе им се најде работа без тие страшно обврзувачки договори што ги имаат. Сега се случува сите доктори да сакаат да работат во Скопје и сите пациенти да сакаат да се лекуфваат во Скопје. Имаме доста болници кои просторно се неискористени, имаме градови каде има недостиг на лекари. За да го задржиме младиот кадар, треба да го вработиме – сметаат во Комората.

Организацијата „Хелтгрупер“ пред две години спроведе регионално истражување за егзодусот на лекарите, во четири држави – Македонија, Србија, Косово и Албанија. Според резултатите, повеќе од 90 отсто од тие што се отселиле немаат желба да се вратат дури и во услови да им се зголемат платите, а повеќе од 70 отсто од сите лекари што учествувале во истражувањето и биле прашани: „Дали сте размислувале да се отселите?“, одговараат со „да“. Како причини за заминувањето ги навеле подобрите услови за работа во странство, повисоките плати, можностите за подостоинствен живот, но и поради политичката ситуација во земјава.

Едукацијата на еден млад лекар државата ја чини 60.000 евра. Додека во Македонија специјализантите плаќаат за специјализација, Германија им плаќа 2.000 до 2.500 евра и им обезбедува сместување во старечки домови, каде што навечер работат како дежурни лекари. Поради трендот на отселување, веќе недостигаат анестезиолози, педијатри, гинеколози… Во одредени специјалности има по три до четири пати помалку кадар отколку што реално е потребен. Во следните пет години се очекува да се пензионираат уште околу 1.280 доктори.