Вице Заев не се навредил за коалицијата со Мијалков, туку за бизнисот


Братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, вчера не се појави на подготвителното рочиште во граѓанскиот суд каде има поднесено тужба против потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Александар Николовски за клевета. Во суд дојде нивниот братучед Горан Заев како негов полномошник. Јавноста речиси беше сигурна дека Вице Заев го тужи Николовски за изјавата што ја даде по првото гласање на уставните измени кога ВМРО-ДПМНЕ го исклучи од партијата поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков. Во изјавата тогаш Николовски рече дека се потврдила криминалната коалиција Зоран Заев, Вице Заев и Сашо Мијалков која го обезбедила двотретинското мнозинство за гласање на почетокот на уставните измени во Собранието. По оваа изјава Вице Заев јавно побара Николовски да му се извини и најави дека ќе го тужи.

Но, вчера во судница јавноста дозна дека братот на премиерот не го вознемириле обвинувањата за криминалната коалиција со Мијалков, туку обвинувањата дека тој добива наместени тендери и дека е главен бизнис фактор во земјава. Во изјавата што ја дал Николовски за 1ТВ рекол дека преку наместени тендери станал главен бизнис фактор. Оваа изјава предизвикала „вознемиреност, напнатост и намалено расположение, потење, црвенило на лице“ и тоа предзивикало силна душевна болка кај Вице Заев. Во тужбата било наведено дека тој е брат на премиерот,чесен човек и успешен бизнисмен со исклучително висок углед во средината во која работи и живее.

Главните аргументи на полномошникот на Вице Заев се дека Николовски кажува мислење непотврдено со факти и дека братот на бизнисменот не е јавна личност.

„Тој никогаш нема јавно настапувано, а тоа што ВМРО-ДПМНЕ го спомнува на секоја втора прес – конференција не го прави јавна личност“, рече во судница неговиот полномошник.

Николовски останува на ставот дека братот на премиерот е главен бизниснисмен во државата, а тужбата против него ја смета за политички притисок и ја нарече „глупава и нон сенс“. Со оваа тужба, според Николовски, Вице Заев сака да испрати порака до сите бизнисмени. „Ако може главниот бизнис фактор во државата да го тужи потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ, да го тужи вториот човек на опозицијата што може да им се случи нив“, вели тој. Неговите аргументи се дека она што го кажал за братот на премиерот го кажал како потпретседател на опозициската партија која има право да ја напаѓа работата на владата. Тој, од она што го читал во медиумите, стекнал впечаток дека братот на премиерот станал главен бизнис фактор.

„Има два начина да одговорат на ова – или да потврдат или да демантираат“, вели Николовски.

Праксата да се поднесуваат тужби против новинари и членови на опозициската партија ја наметна токму ВМРО-ДПМНЕ која бараше илјадници евра за клевети и навреди. Најмногу тужби против новинари и политичари од опозицијата поднесуваше поранешниот шеф на тајната полиција, Мијалков. Во една од тужбите против весникот „Фокус“ тој бараше неколку илјади евра оштета. Тој исто така го тужеше Јани Макрадули кој беше осуден на парична казна од 8.500 евра зашто како пратеник од СДСМ, во 2007 година рекол дека Мијалков ја злоупотребува опремата за прислушување. Поанершниот премиер Никола Груевски го тужеше лидерот на НСДП, Тито Петковски, имаше тужби и сегашниот градоначалник на Скопје, а поранешен пратеник Петре Шилегов. Сите тужби за клевета и навреда завршуваа во корист на функционерите на минатата власт, а тужените требаше да им платат илјадници евра оштета за нарушен углед и душевна болка.

Николовски признава дека во минатото постоела таква лоша пракса која не смее да продолжи.

„Сакам да ја потсетам јавноста дека заради вакви зачестени случаи во координација меѓу власта и опозицијата пред неколку години се донесени измени на законот за клевета. Со овој закон јасно ставивме граници со цел вакви нон сенс глупави пријави да не се случуваат“, вели Николовски.

За разлика од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ Вице Заев бара од Николовски 30.000 денари или 500 евра оштета. Николовски тврди дека казните биле намалени со измените на законот.

„Ако му дошло на Вице Заев до 30.000 денари, со здравје нека ги троши“, рече Николовски. Следното рочиште е закажано за на 26 јануари и тогаш Вице Заев ќе мора да се појави бидејќи Николовски треба да му поставува прашања.

Како докази Николовски приложува текстови од повеќе медиуми за бизнисот на премиерот Заев, неговиот брат и семејство.

Името на Вице Заев јавноста го поврзува со снимката што беше објвена на Јутјуб на која премиерот вели „едно евро за Вицето, едно за црквата“. Снимката беше објавена во мај 2015 година. На снимката се слуша разговор меѓу тогашниот градоначалник на Струмица Зоран Заев и еден локален бизнисмен. Наводно Заев бара одредена сума пари за средување на работите околу некоја локација на територијата на општината. За овој случај Заев доби кривична пријава за примање поткуп, но во судска постапка делото беше преквалификувано во барање поткуп и Заев доби ослободителна пресуда.

Фросина Факова – Серафиновиќ