Вице Заев: Несоодветно е да ме споредуваат со Мијалков


Како ги доживувате обвинувањата дека по фамилијата на ВМРО сега на власт и во бизнис лобито се инсталира „фамилијата на Заев“?

– Неспоредливо, несоодветно и невистинито. Времето на фамилијата, знаат граѓаните, заврши и никогаш нема да се повтори. Не сакам да се навраќам во минатото, но сите знаеме што значеше тоа: целосна контрола и злоупотреба на државните институции и политичката моќ за профит на фамилијата на сите можни основи. Сосема спротивно од тоа, фирмите на Заеви работат законски, одговорно и транспарентно уште од самото основање во деведесеттите години, уште од независноста на земјава. Горди сме со таквиот начин на работа. Нашите деца се овде во Македонија, ние сме овде во Македонија, работиме, придонесуваме, плаќаме данок, обезбедуваме плати за вработените, иднината ја гледаме овде. Рамноправно се бориме на пазарот како и сите други фирми и нашата работа нема поврзаност со ниту една државна институција. Зоран Заев, откако е влезен во политиката, е целосно дистанциран од сопственичката структура и од бизнисот. Уште повеќе, кога беше јасно дека ќе мора да ја преземе премиерската функција, се собравме и како семејство одлучивме дека ќе ги прекинеме сите бизнис иницијативи во нашите компании кои на кој било начин се поврзани со јавни пари или се поврзани со јавни институции, вели Заев..

Вице Заев, брат на премиерот Зоран, е мета на обвинувања од страна на опозицијата дека неговата фамилија ја узурпира половина Македонија. Нивните бизниси што постојано се шират се тема на интерес на медиумите, особено сега кога Зоран Заев стана најмоќен политичар во земјава. Во интервју за „Независен весник“, Вице Заев отворено зборува за споредбите со „фамилијата на претходната власт“, за односите со премиерот, за влијанието на бизнисот врз политиката и обратно, за следните планови, како и за животот на Заеви пред да дојде „животот за сите“. Интервјуто ќе го објавиме во саботниот број, односно во викенд-изданието на нашиот весник. 

Горан Адамовски