Виси изборот на нови уставни судии


Иако СДСМ реши да присуствува на годишното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов во парламентот, неизвесно е засега дали најмногубројната пратеничка група ќе даде поддршка и за кандидатите на шефот на државата за нови членови на Уставниот суд.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, ни изјави вчера дека нема сѐ уште конечна одлука во однос на предлозите за уставни судии, посочувајќи притоа на извесна непринципиелност во однос на кандидатите на Иванов.
„Морам да нагласам дека пратениците се изненадени од непринципиелните предлози на Иванов. Секако, предвид ќе бидат земени аргументите на предлагачот, како и биографииите на кандидатите“.
Иванов ги предложи за нови членови на Уставен суд советникот во неговиот кабинет Дарко Костадиновски и универзитетскиот професор Осман Кадриу – за чиј избор е потребно да се обезбеди Бадентерово мнозинство во парламентот.
Од ДУИ немаат исто така прецизен одговор како ќе постапат во однос на кандидатите за нови уставни судии, за чиј избор ќе се расправа на седницата што почнува во понеделник.
„За тоа прашање ќе постапиме согласно законите и процедурите предвидени со собранискиот Деловник“, изјави кусо координаторот на нивната група, Ејуп Халими.
Османи, како универзитетски професор со минат труд во судството и во адвокатурата, во изминатиот период важеше за критичар на дел од политиките на Иванов. Затоа неговото предлагање за уставен судија претставуваше своевидно изненадување, така што проценките се дека тој не е толку спорен за парламентарното мнозинство. Но не е исклучено да биде оспорен предлогот за Костадиновски, чија кариера, иако е доктор по правни науки, е главно концентрирана во претседателскиот кабинет, почнувајќи во кабинетот на Борис Трајковски, за пред седум години да напредува во советник за надворешна политика на Иванов.
Костадиновски и Османи се предложени како кандидати за испразнетите места во Уставен суд на Наташа Габер и Гзиме Старова. Не се знае кога ќе се пополнува и третото испразнето место во судот, по истекот на мандатот на Исмаил Дарлишта, за што кандидатот треба да го предложи собраниската Комисија за избори и именувања, која ја води ВМРО-ДПМНЕ. (А.М.М.)