Висат и изборот на ДИК и референдумот


Нема засега навестувања за деблокада на изборот на новиот состав на ДИК што треба да го спроведе престојниот референдум за името. Претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ ни изјави дека додека не добие сигнал од партиите дека е постигнат договор за комплетирање на ДИК нема да закаже седница за селектирање на седуммина од пријавените 41 кандидат на конкурсот што го распиша Собранието со консензус.
„Можам кога било да закажам седница на Комисијата, ама тоа не води никаде доколку нема зелено светло од партиите. Така само ќе пропадне процесот и ќе се вратиме назад“, вели Димовски.

ВМРО ДПМНЕ вчера порача дека пред да се избере новиот состав на ДИК треба да бидат донесени законите за финансирање на политичките партии и за влада, односно да се уреди дали техничката влада која беше договорена во Пржино ќе биде модел за секои наредни парламентарни избори.
Од СДСМ реагираа дека опозицијата намерно го блокира процесот и го одовлекува изборот на ДИК.

Со пролонгирањето на изборот на ДИК се одолговлекува распишувањето на референдумот за името, што, според последните најави на премиерот Зоран Заев, се планира да се одржи во последната недела од септември или првата од октомври. Од распишувањето до одржувањето на референдумот треба да помина најмалку 60, а најмногу 90 дена, што значи дека новиот состав на Комисијата од старт ќе биде фрлен во „оган“ да го подготви теренот за плебисцитарното изјаснување на гласачите.

Кон крајот на зимата, премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по средба во Владата, ѝ соопштија на јавноста дека постигнале договор за комплетирање на ДИК според претходниот концепт, но со мандат од само шест месеци – како преоден период во кој требаше да бидат усогласени потемелни измени во изборната регулатива, особено во делот на изборната администрација и финансирањето на партиите. Затоа е сега нејасно како испадна дека законот за финансирање на партиите, па и законот за влада треба да се донесат пред да биде избран преодниот состав на ДИК. (А.М.М.)