(ВИДЕО) Рускиот амбасадор во Македонија: Факт е дека референдумот е неважечки


Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Александрович Баздникин, во интервју за „Спутник“ изјави дека факт е дека референдумот во Македонија е неважечки.

Тој го поддржува референдумот како демократска форма на изразување на волјата на граѓаните, но како што истакнува, факт е дека на референдумот во Македонија гласаше само 36,9 отсто од населението.

„Се разбира, ние сме многу внимателно го следевме текот и резултатите од референдумот што се одржа во Македонија. Сега веќе е сосема јасно дека македонските гласачи не излегоа, бидејќи се против одлуката која се обидуваат да ја наметнат однадвор. Очигледно е дека огромното мнозинство, речиси две третини од граѓаните, не сметаат дека договорот од Преспа меѓу Грција и Македонија е најдобар инструмент за надминување на овие разлики кои постојат околу државното име Македонија“, рече рускиот амбасадор.

Амбасадорот Баздникин додава дека она што е факт, имајќи предвид дека на референдумот излегоа само 36,9 отсто од гласачите со право на глас, а требаше да излезат 50 отсто плус еден гласач, резултатите од гласањето потврдија дека референдумот е неважечки.

„Русија, како постојана членка Советот за безбедност на Обединетите нации, внимателно го следи процесот на решавање на овој проблем, и нашата принципиелна позиција останува непроменета – долгорочното решение може да се најде само кај граѓаните, без наметнување надворешни фактори, строго во рамките на уставно-правниот поредок. Тоа мора да се базира на широка јавна поддршка и мора да биде врз основа на принципите и нормите содржани во Повелбата на Обединетите нации”, додаде тој.

Рускиот амбасадор смета дека суверен избор на која било држава е да донесува одлуки во врска со својата надворешно-политичка ориентација, а од тоа не е изземена ниту Македонија.

„Сепак, ние во суштина сме против проширувањето на Северноатлантската алијанса, вклучувајќи го и балканскиот регион и Македонија. НАТО е воен-политички сојузник чии цели кон Руската Федерација се исклучително добро познати. Не веруваме дека проширувањето на Алијансата ќе придонесе за стабилноста и безбедноста на Балканот, за што се зборува многу. Во секој случај, ако дојде до членство на Македонија во НАТО, тоа природно ќе влијае на односите меѓу Руската Федерација и Република Македонија. Но, засега не мислам дека тоа ќе би се случило“, вели за „Спутник“ амбасадорот Сергеј Александрович Баздникин.