(ВИДЕО) Мицкоски одби да се обрати на протестот, граѓаните се налутија


Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска им се приклучи на граѓаните што протестираа пред Собранието поради промената на уставното име. Тој и неговите сопартијци беа дочекани со аплаузи и со френетични скандирања, па од него беше побарано да се обрати на импровизираната бина. Неколкупати го повикуваа, но тој не се одзва на нивните повици.

– Последен пат ве повикуваме да им кажете на овие луѓе, рече еден од демонстрантите на микрофон.

Откако сфатија дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да одржи говор, неколкумина од присутните почнаа да негодуваат.

Од партијата соопштија дека на протестот имало инфилтирани елементи кои што сакале да го дефокусираат протестот. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не сакале да го злоупотребат собирот. Лидерот на опозицијата ќе се обрати утре, но како граѓанин, заедно со други говорници.

Претходно, Мицкоски во изјава за медиумите рече дека го задржува своето право на мирни протести против промената на уставното име на Република Македонија. Тој повика на достоинствени протести и апелираше до граѓаните да не подлегнуваат на провокации.

Тој повтори дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во собраниската расправа за прифаќање на уставните измени, бидејќи договорот од Преспа е штетен, а двотретинската поддршка е обезбедена благодарејќи на Основното и на Специјалното обвинителство, кои со своите случаи ги принудија пратениците од опозицијата да гласаат „за“.

Видеото е преземено од Телевизија 21: