(ВИДЕО) Катарина Ивановска во кампања за вакцинација на децата


„Јас сум вакцинирана. Го вакцинирав и моето дете“, вели Катарина Ивановска во кампањата за Европската недела на имунизација.

„Вакцинацијата спасува милиони животи. Признаена е како една од најуспешните и најекономични здравствени мерки во светот. Високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст, создава колективен имунитет. Не постојат научни докази за поврзаност меѓу вакцината против мали сипаници, заушки, рубеола (MMR вакцина) или која било друга вакцина со аутизмот или аутистичните нарушувања. Вакцините се произведуваат во опкружување и процес кој подлежи под многу контроли. Апелирамe сите родители да ги вакцинираат своите деца, за да може да ја спречиме епидемијата од морбили (мали сипаници)!“, напиша министерот за здравство Венко Филипче под објавеното видеото по повод Европската недела на имунизација.

Вчера епидемија на морбили, односно мали сипаници, во Скопје прогласи Министерството за здравство поради 12 нови случаи. Министерот Венко Филипче вчера изјави дека шест од новите случаи се потврдени преку соодветни анализи, останатите шест се со јасна клиничка слика за кои денеска се чекаат и официјални лабораториски потврди. Заразени со морбили се осуммесечно бебе и деца на возраст од три до пет години, како и двајца возрасни на 31 и 47-годишна возраст. Заразените ја немаат примено вакцината МРП. Ваквата ситуација ги принуди здравствените власти да донесат времена мерка со која се забранува децата што не се вакцинирани со МРП да се носат во градинките во Скопје.