(ВИДЕО) Бачев: Каква е таа Европа во која им се даваат по 2 милиони евра на пратеници да гласаат за предавство


Каква е таа Европа во која се даваат по 2 милиони евра на пратеник за гласање за предавство спрема својата Татковина или одење во затвор ако не се гласа по нарачка на власта, изјави на денешната прес конференција Јанко Бачев од партијата „Единствена Македонија“

„Македонскиот народ и поголемиот дел од граѓаните на Република Македонија на 30 септември јасно порачаа дека не сакаат членство во НАТО и не сакаат промена на името, идентитетот, историјата и традициијата на македонскиот народ“, изјави Бачев.

Тој рече дека партијата „Единствена Македонија“ во соопштението до јавноста од 2 октомври, предупредила дека се во игра по 2 милиони евра по пратеник.

„За жал, поткупот синоќа се потврди. На Зоран Заев устата му е полна со евроатлански интеграции, Европа на владеењето на правото, Европа на почитување на правната држава. Каква е таа Европа во која се даваат по 2 милиони евра на пратеник за гласање за предавство спрема својата татковина или одење во затвор ако не се гласа по нарачка на власта.

Каква е таа Европа во која платеници терористи се пуштаат од притвор да гласаат, нели власта на Заев се до вчера ги нарекуваше терористи тројцата пратеници кои синоќа не издржаа и гласаа против македонскиот народ и македонската држава“, рече Бачев.

Тој додаде дека она што синоќа се случило во Собранието не е одлука на народот.

„Сега ни е потребно единство и сплотеност како Македонци. Борбата за Македонија и Македонците не е прашање на поединци или на една партија, туку на македонскиот народ. Борбата не е завршена. Напротив, финалната борба штотуку започна откако синоќа е распослана тажната слика за Татковината од налетот на марионетската власт во Скопје и нивните странски газди подржани сега и од пратеници-платеници да избришат се што е македонско.
Оваа борба ќе ја решиме со пораз на марионетската власт во Скопје, нејзините странски газди и домашните платеници и јаничари кои се полакомија за пари да го продаваат светото македонско име. Новата легална власт на Единствена Македонија ќе ги расчисти целосно националните предавства, согласно законите што ќе произлеат од новиот македонски Устав“, рече Бачев на прес-конференцијата.