Вељаноски до власта: Немате мнозинство за менување на Уставот


Немате двотретинско мнозинство за менување на Уставот, порача поранешниот претседател и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски кој се обрати денеска после премиерот Зоран Заев, на комисиската расправа во Собранието за пристапување кон измена на Уставот каде.

-Изјавувам дека немам мандат ниту намера да учествувам во обидите за менување на Уставот. До сега сами го водевте процесот кој народот го запечати со референдумски неуспех. Продолжете во благопријатна атмосфета, но знајте дека немате 2/3 мнозинство за менување на Уставот – рече Вељаноски.

Договорот со Грција тој го нарече штетен, незаконски, нелегален и противуставен бидејќи, додаде, е наметнат и набрзина склучен, непотпишан од претседателот и необјавен во Службен весник.

-Народот ја победи пропагандата на власта со неизлегување на референдумот. Мнозинската волја на народот е императив, задолжителна одлука на секој пратеник која гласи дека референдумот е неуспешен и дека народот го отфрли штетниот Договор. Кога народот ќе одлучи, Собранието мора да ја почитува неговата волја – рече Вељаноски во 10-минутното обраќање и ја напушти салата.