Вечерва погледнете во небото: Затемнувањето на Месечината видливо од Македонија со голо око


Вечерава на небото ќе се случува несекојдневен природен феномен познат под името крвава месечина и ќе трае речиси 5 и пол часа, а целосното затемнување ќе биде во траење од 1 час и 43 минути и ќе може да се набљудува во најголемиот дел од светот, вклучително и од Македонија.

Скопското астрономско друштво ќе постави телескопи на плоштадот „Македонија“, за граѓаните да можат да посведочат на овој исклучителен настан. Целосното помрачување ќе се случи во 22 часот.

Затемнувањето ќе може да се види од Европа, Блиски Исток, Африка, Австралија и од поголемиот дел на Азија и Јужна Америка. Овојпат, ќе го пропуштат само Северна Америка и Гренланд.

Крвава месечина е името што му се дава на Земјиниот сателит за време на затемнувањето. Се случува кога Земјата поминува меѓу сонцето и Месечината, при што фрла сенка врз неа. Месечината притоа не се затемнува како сонцето, туку добива црвено-кафеава боја.

Затемнувањето на Месечината е помалку вообичаено од соларното и се случува најмногу три пати годишно (во некои години ниеднаш). Ова ќе биде исклучително долго, само четири минути пократко од теоретскиот лимит од еден час и 47 минути, бидејќи Месечината ќе поминува низ центарот на земјината сенка.